Во петнаесет минути од стартот на рочиштето за ТНТ, судот ги одби сите барања на обвинетите и одбраната за произнесување. Единствен кој доби збор е обвинителот Бурим Рустеми кој побара да се одбијат сите докази, освен еден, кои се предложени од нив. Судијата Огнен Ставрев праша кој е ставот на одбраната и обвинетите, но никој не доби збор, туку пауза. Адвокатите реагираа и посочија дека имаат право да се произнесат зошто се предлагаат доказите, но судијата Огнен Ставрев не дозволи.
Обвинетите Миле Јанакиески и Тони Трајковски кажаа дека ќе останат без ниту еден изведен материјален доказ, а со тоа и без одбрана, но судот остана на истиот став.
Рустеми даде согласност само еден доказ да се изведе, а за сведоците постави услов.
– Нагласувам дека доколку одбраната се согласи исказите на сведоците кои се сослушани во таа постапка се читаат, ќе дадам согласност истите да се прочитаат, а доколку не дава, јас не се согласнувам да истите бидат повикани, бидејќи како што реков за тие околности веќе има доволен број на докази, а нивното повикување е одолговлекување на постапката – кажа Рустеми.
Ова за обвинетите е со цел постапката да заврши побрзо, а тие да бидат осудени.
– Земав обврска да се произнесам за доказите на одбраната. Забележав дека има поголем број на поднесоци односно 29 поднесоци, и всушност се предложени стотици докази односно повеќе докази од тие што се предложени редовно со поднесениот приговор. Заклучувам дека постапувањето на одбраната е со цел да се опструира процесот и со голем број на предложени докази дс се спречи судот да заврши предметот кој се суди четири години, за кривично правен настан, за кои обвинетите имаат едно до две дејствија. Ваквото убедување ми се зацрстува и од фактот дека обвинетите во текот на целата постапка и истрага, имале ангажирани бранители кои што биле свесни дека доказите во која фаза може да се предлатаат, како и дека не може повеќе докази да се предлагаат по поднесување на обвинение отколку пред тоа во фаза на истрага. Ги анализирав предлозите, сметам дека за сите околности за кои што доказите се предложение, сме изнеле повеќе докази како од Обвинителството така и од одбраната. Затоа сметам дека не е потребно да се предлагаат докази бидејќи судот веќе може од поднесените докази да ја утврди фактичката состојба. Голем број од доказите се однесуваат на одредби, закони, правилници, се бара од судот да прибавува докази, се предлага колумни и докази од интернет кои сметам дека судот не треба да ги прифати бидејќи одбраната доказите кои биле релевантни требало да ги предложи пред поднесеното обвинение. Освен доказот со поднесок од Павле Гацов вешто лице кое дополнува вешт наод од 2019 година, а имајќи го во предвид дека главното вештачење е веќе изведено и ова вештачење е дел и дополнување на тоа вештачење, се согласувам да се изведе како доказ. За останатите, одбивам да давам согласност да се изведат бидејќи тоа ќе доведе до повреда на принципот на судење во разумен рок, имајќи во предвид колку трае постапката, а убеден сум дека не е повредено правото на одбрана – истакна Рустеми.
По ова, судот даде пауза.
Дека ќе бидат одбиени сите докази, алармираше адвокатот Мерџан Даути пред еден месец. Тој кажа дека за ова веќе бил известен на средба со Рустеми. Тој тогаш потенцираше дека пресуда ќе има до средината на декември, а единствен начин тоа да се направи, според него, е ако се одбијат сите докази на обвинетите и нивната одбрана.