ЕУ во дилема околу валидноста на потврдите за вакцинација
Додека ковид-сертификатите на големо се распространети низ Европа и истовремено претставуваат главна „пропусница“ за патувања и слободен влез во затворените објекти низ земјите, некои од европските медиуми пренесуваат дека тие, сепак, не се толку релевантни.
Имено, според магазинот „Политико“, европските влади во моментов се соочуваат со дилема околу ковид-пропусниците, бидејќи повеќе истражувања направени за имунитетот од вакцините против ковид-19 покажуваат дека по шест месеци се намалуваат антителата кај вакцинираните. Со ова, според медиумот, сите оние што се вакцинирани пред повеќе од шест месеци, иако имаат сертификат, сепак не се отпорни на вирусот и можат повторно да придонесат за негово ширење. Во тој контекст, повеќе новински извештаи на оваа тема посочуваат дека неколку држави во еврозоната, но и официјален Брисел планираат наскоро како задолжителен чекор за патувања во Европа да ја воведат потврдата за вакцинација со трета доза, за да се намалат ризиците од ширење на пандемијата, особено во зимскиот период.
– Нашата цел е да им го олесниме животот на Европејците, притоа почитувајќи ја безбедноста и следејќи ги научните совети. Во таа насока ги држиме очите отворени и ќе настојуваме да ги дополнуваме правилата и иформациите за патувања во Европа – изјави портпаролката на Европската комисија, Дејна Спинант.