Природните алкалоиди што се наоѓаат во црниот пипер може да го запрат ширењето на коронавирусот, соопштија научниците од Институтот за цитологија на Руската академија на науките. Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание „Биомедицина“.
Научниците се обиделе да пронајдат начин како да го блокираат протеинот причинител на вирусот, кога ќе го внесеме во телото. Главната научна соработничка на институтот, Олга Остроумова, објаснила дека стручњаците си поставиле задача да не се блокира самиот протеин, туку да не се дозволи негово спојување со клетките на човекот.
Во текот на експериментот на моделите на вирусни и клеточни мембрани, а во присуство на фрагменти на протеинот на патогенот, авторите на научниот труд утврдиле дека пиперинот што се наоѓа во црниот пипер најдобро се бори со вирусот. Резултатите од испитувањата во институтот за епидемиологија и микробиологија „Пастер“ во Санкт Петербург се охрабрувачки. Таму е тестиран пиперинот на сој на коронавирусот од Вухан и тестирани се ефектите на соединението врз мајмуни.
Според тврдењето на научниците, ефикасноста на пиперинот против ковид-19 се објаснува со способноста на алкалоидите да ги менуваат својствата на липидната мембрана на вирусот, а како резултат на тоа, тој не може да продре во внатрешноста на клетката и да го зарази организмот.
Според мислењето на Остроумова, коронавирусот не може да формира резистенција на пиперин, бидејќи неговите мутации развиваат клетки што не влијаат врз липидната мембрана. Врз основа на резултатите од истражувањето, во иднина ќе можат да се развијат дополнителни биолошки средства во борбата против коронавирусот.