Фото: Игор Бансколиев

Македонија ја совлада Ерменија на гости со 5-0 и сега ѝ е потребна уште победа над Исланд утре во Скопје за да обезбеди деби-настап во плејофот за пласман на светските првенства

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Блескава победа на Македонија на гости над Ерменија (5-0) во директниот дуел со ривалот за второто место во групата Ј, што води во плејофот за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар. Пред последното утрешно коло во групата Ј во квалификациите за пласман на СП 2022 постојат повеќе комбинаторики за тоа која репрезентација ќе го освои второто место (првото во октомври го обезбеди Германија). Во најдобра ситуација е Македонија, која е втора со 15 бода и ќе го освои тоа место ако го победи Исланд, без оглед на исходите на другите мечеви. Македонија ќе биде втора и ако одигра нерешено, под услов и Романија да не го победи Лихтенштајн. Во случај две или повеќе репрезентации да бидат израмнети со бодовите, прво што решава е вкупната гол-разлика.
Фудбалерите на Македонија за пласман во баражот решаваат сами. Македонија досега не играла на фудбалско СП ниту во бараж-натпревари за пласман на мундијалите. Дебито во плејоф, но за пласман на европските првенства, го имаше лани, по што годинава дебитира на ЕП 2020.
Македонските фудбалери одиграа одличен натпревар, беа подобри во сите елементи и што е најважно беа крајно ефикасни, ги искористија речиси сите шанси за голови и на најдобар можен начин се реваншираа за двата убедливи пораза во претходните неколку години, 1-4 и 0-4. Енис Барди, кој ја носеше капитенската лента и беше еден од најдобрите играчи на теренот, постигна хет-трик, прв за него во репрезентативниот дрес.
– Пресреќен сум, дојдовме до важна победа, треба да продолжиме вака, оваа генерација има потенцијал за големи работи. Не знам како ќе биде против Исланд, но ќе се бориме докрај за второто место, кое мислам дека го заслуживме – рече по мечот Барди.

Заслуги за големата победа имаат сите фудбалери, од голманот Столе Димитриевски до стрелецот на голот првенец во квалификациски меч, Милан Ристовски, на чело со селекторот Благоја Милевски, кој тактички одлично ја постави играта.
– Честитки до сите фудбалери, но нѐ очекува уште еден меч во овој квалификациски циклус, утре со Исланд. Мислам дека никој не очекуваше од нас, освен ние самите, дека по поразот од Германија во Скопје (0-4) ќе се вратиме на овој начин. Затоа е интересен фудбалот. Овие момци беа на Европското првенство, некои и на две ЕП, младинско и сениорско, и покажуваат дека имаат голем потенцијал – изјави Милевски.
Селекторот додаде дека и оти не размислува многу за минатите натпревари.
– Сега сите мисли и концентрација се насочени на натпреварот со Исланд. На сите досегашни собири и пред сите натпревари имавме тешкотии со повредени играчи, сега листата на повредени се зголеми, а го немаше и капитенот Стефан Ристовски поради жолтите картони. Но тие што беа на располагање покажаа дека во иднина на нив може сериозно да се смета – вели Милевски.


Баражот е во март, со по едно полуфинале и финале

На Светското фудбалско првенство в година во Катар од Европа ќе играат 13 репрезентации. На Германија и на Данска, кои во октомври се квалификуваа, во следните неколку дена ќе им се придружат уште осум други победници во групите.
Преостанатите три европски места ќе бидат пополнети по баражот што е закажан од 24 до 29 март в година, во кој ќе разигруваат 10-те второпласирани во групите и две селекции победници на групите во Лигата на нациите од сезоната 2020/2021, кои нема да се квалификуваат директно ниту пак се втори во групите од квалификациите.
Во баражот, 12-те репрезентации ќе бидат поделени во три групи, во кои ќе се игра по еден меч во полуфиналињата и потоа во финалињата.


Утре три дерби-меча за директен пласман на Мундијалот

Од групите од квалификациите за Светското првенство (СП) в година во Катар, што се играа во четвртокот, јасно е дека утре, во последното коло од групната фаза, ќе има три директни дуела за одредување кој ќе игра на СП, а кој ќе настапи во баражот.
Така, во групата А ќе играат меѓу себе Португалија и Србија, во групата Б ќе се сретнат Шпанија и Шведска, а во групата Х ќе играат Хрватска и Русија (за освојување на првото место во групата и директен пласман на СП 2022 реми им одговара на Португалија, Шпанија и на Русија).


ГРУПА Ј
Ерменија – Македонија 0-5
Романија – Исланд 0-0
Германија – Лихтенштајн 9-0

ТАБЕЛА
Германија 9 8 0 1 32-3 24
Македонија 9 4 3 2 20-10 15
Романија 9 4 2 3 11-8 14
Ерменија 9 3 3 3 8-16 12
Исланд 9 2 3 4 11-15 9
Лихтенштајн 9 0 1 8 2-32 1

Идно коло (утре, сите натпревари почнуваат во 18 часот): Македонија – Исланд, Лихтенштајн – Романија, Ерменија – Германија.