Да се биде припадник на Баталјонот за почести и да се има можноста да се претставува Армијата и татковината е посебна привилегија и чест. Гардата на АРМ или како што во формацискиот состав на нашата армија се нарекува, е Баталјонот за почести. На малкумина од граѓанството им е познат фактот дека токму Баталјонот за почести е првопотчинета единица на Генералштабот на АРМ. Баталјонот има првенствено задача да реализира протоколарни активности согласно правилото за воен протокол во Армијата. Баталјонот за почести е основан врз темелите на Првата гардиска бригада, формирана во касарната „Илинден“ непосредно по формирањето на Армијата и осамостојувањето на државата. При посетите на странски делегации и државници, баталјонот за почести оддава воени почести со дигнитет и на највисоко професионално ниво, а припадниците на баталјонот го оставаат првиот впечаток за Армијата и за државата. Припадниците на баталјонот за почести се водат по основните гардиски вредности: чест, храброст и посветеност, вредности кои се респектираат и вреднуваат. Честа како темел на гардискиот карактер ги обврзува гардистите да постапуваат совесно и одговорно, да ги исполнуваат своите должности и да прикажуваат највисоки етички и морални вредности. Во духот на гардиските вредности, припадниците на баталјонот за почести се водат од мотивацијата на слоганот „Lux Aeterna“, односно „Вечна Светлина“ како симбол на сонцето и непокорот.
Почесната единица што го пречека словенечкиот претседател Милан Кучан – никулец на македонската гарда
Во почетокот на март 1992 година, полковникот Стефан Лазаревски, добива наредба да ја создаде првата единица за почести на Армијата на Република Македонија, која требало свечено да го пречека Милан Кучан, претседателот на Словенија.
На 17 март 1992 година, високата делегација на Словенија предводена од нејзиниот претседател Кучан, во Македонија била пречекана со највисоки почести. Токму споменатиот ден останува забележан како датум кога првпат при пречек на странска делегација се интонира химната „Денес над Македонија се раѓа“, првпат при пречек на странски државник се постројува почесната единица на АРМ, се вее македонското знаме, а полковникот Стефан Лазаревски беше првиот македонски офицер, командант на почесна единица, кој на македонски јазик му рапортираше на претседател на странска држава.
Сеќавање за почетоците на создавање на македонската гардиска единица
Според сведоштвата на човекот што со војнички непоколебливо изразување на државноста, демонстрирајќи ги државните симболи и темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, преку оформувањето и обучувањето на првата почесна единица на Армијата на Република Македонија, во својство на македонски офицер што командува со единицата, рапортирајќи на македонски јазик, го постави темелот на македонската гардиска единица. Но и уште повеќе го постави темелот на нашата професионална, национална армија. Но, сето тоа не било ни најмалку едноставно. Според полковникот Лазаревски, со осамостојувањето на Република Македонија, армијата сѐ уште не била пополнета, немало униформи, оружје и опрема. Требало да се најдат војници, оружје, па дури и сабја за свечениот пречек. Полковник Лазаревски, извршувајќи ја задачата, бил во тогашните фабрики „Рудници и железарница – Скопје“ и ФАС „11 Октомври“, бидејќи му биле потребни околу 800 луѓе, припадници на тогашната Територијална одбрана (ТО) на Македонија.
За неполни десет дена, според сеќавањата на полковник Лазаревски, од овие работници требало да се направи елитна гардиска единица. Со сѐ уште присутно чувство на гордост и војничка чест, полковникот се присеќава на секојдневните неуморни физички вежби и подготовки, строева обука, став, движење, команди итн. Тој потврдува дека бил длабоко свесен за сериозноста на задачата бидејќи првпат треба јавно да се покаже дека постои Армија на Република Македонија (АРМ), а тој како македонски офицер да рапортира како командант на елитна единица за почести на македонски јазик, преку кој се идентификува постоењето на македонскиот народ и држава.
Перипетии со офицерската сабја
Еден од најголемите предизвици со кои се соочувал половникот Лазаревски при оформување и обучување на почесната единица, како никулец на националната воена гарда, била набавката на оригинална војничка сабја. Имено, и сабјите за која знаел дека ги има во специјалното депо во касарната „Илинден“, биле однесени од единиците на ЈНА. По повеќедневно „трагање“ по оригинална сабја како симбол на војничката чест на македонските војсководци, се обратиле до колекционерот Блашко Димов, кој им излегол во пресрет. Откако била обезбедена свечената сабја, униформите со натписите на АРМ, како и оружјето, била организирана генералната проба на која присуствувале претседателот Киро Глигоров и генералот Томислав Трајчевски.