Со учество на околу 150 извидници од десетина клуба од земјава, како и гости од странство, викендов се одржаа 45-те јубилејни „Септемвриски извиднички средби“ во Кичево, чиј домаќин беше локалниот извиднички одред „Мирко Милески“.
Во многу силна и крајно изедначена конкуренција во трите категории, првите места им припаднаа на извидничките одреди од Скопје, во категоријата развигорци и истражувачи, и од Прилеп, во категоријата извидници. Екипата во состав Евгенија Гоговска, Мирјана Трајчева, Лукас Вионас и Никола Василев, членови на извидничкиот поречански клуб „Галеб“ од Скопје, беше најдобра во категоријата истражувачи.
– За оваа смотра се подготвувавме изминатите две недели и очекувавме, и покрај силната конкуренција, да го освоиме првото место, што навистина и се случи. Покрај задолжителните обврски во изминатите три дена, имаше големо дружење и стекнување нови пријателства со извидниците од другите одреди учесници на смотрите – ни рече Евгенија Гоговска, членка на „Галеб“, со најдолг стаж, 12 години, во победничката екипа.
Во категоријата извидници првото место го освоија членовите на извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп, во состав Анастасија Митреска, Александар Милошески, Марија Здравеска и Дамјан Макевски.
– Наша задача на овие смотри беше да го пронајдеме киднапираниот и по нешто повеќе од два часа успешно ја завршивме работата и остваривме најдобро време, што ни го донесе првото место во оваа категорија – истакнаа Марија и Александар, чија екипа на смотрите настапуваше под името „Че размислам“.
И во категоријата развигорци првото место го освоија членовите на Првиот скопски извиднички одред, а се натпреваруваа деца на возраст од 9 до 13 години.
На годинешните средби беа присутни и двајца извидници од САД и од Франција, волонтери во земјава.
Во трите натпреварувачки дена, на 14, 15 и 16 септември, извидничките одреди се натпреваруваа во следните дисциплини: спортски игри, ориентација во простор, стреличарство, шаторијада и качување по карпи.