Австралиската фондација за заштита на коалите проценува дека низ Австралија во дивина останале помалку од 100 илјади коали
Зголеменото сечење на шумите за земјоделски земјишта би можело до 2050 година да предизвика изумирање на коалите во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс, предупредија конзерваторите.
Според извештајот на Светскиот фонд за заштита на дивиот свет (ВВФ) и Советот за заштита на природата, научниците користеле сателитски снимки за мерење на стапката на расчистување на шумите, за да се измери влијанието врз ранливите и загрозените видови.
– Австралискиот ВВФ проценува дека во сојузната држава Нов Јужен Велс останале помалку од 20 илјади коали и дека со ова темпо би можеле да изумрат до 2050-та. Мора да го запреме претераното сечење на шумите со еукалиптусови дрвја ако сакаме да ги зачуваме коалите во живот во дивината – изјави конзерваторот Стјуарт Бланш.
Австралиската фондација за заштита на коалите проценува дека низ Австралија во дивина останале помалку од 100 илјади коали.
Живеалиштата се губат
Коалите се класифицирани како „ранливи“ поради губењето на живеалиштата, меѓутоа фондацијата смета дека треба да се класифицираат како критично загрозени и наведуваат дека треба да се заштитат поголем број живеалишта. Од Владата на Нов Јужен Велс негираат дека расчистувањето на шумите ги загрозува живеалиштата на коалите, за кои тврди дека се заштитени.
Едно од омилените животни на светот доживува криза. Пред да се населат Европејците во Австралија, пред повеќе од два века, во појасот на еукалиптусовите шуми, кои се протегаат на 2.500 километри по должината на источниот брег, живееле околу 10 милиони коали. Но кога почнаа да ги ловат поради скапоценото крзно, доведени се до работ на истребување. Во Квинсленд во 1919 година се убиени милион коали. По последната ловна сезона, во 1927 година, останале само неколку десетици илјади.
Во наредниот половина век нивниот број малку се зголемил, благодарение на напорите на разни организации повторно да се населат коали. Но потоа урбанизацијата почна да го зема својот данок. Живеалиштето почна да се губи, а болестите почнаа да се шират. Со урбанизацијата стигна и опасноста од напади од кучиња и страдање на автопатиштата.
Од 1990 година, кога во Австралија живееле околу 430.000 коали, нивниот број значително опадна. Затоа што истражувањата се отежнати, процените на популацијата варираат. Исто така има коали што живеат во оградени заштитени зони.
– Коалите се вплеткуваат во оградите и бодликавите жици и гинат, ги удираат возила, а многу умираат затоа што сопственикот одлучил да го исече еукалиптусовото дрво од својот двор – вели Дидри де Вилијерс, една од главните научнички во проектот при Министерството за екологија во Квинсленд.
Кламидијата опасна по живот
Таа веќе 15 години ги следи коалите, ја контролира нивната популација, ги истражува причините за нивното исчезнување.
Таа смета дека луѓето и коалите можат да живеат заедно во урбана средина ако се води грижа на нив, како, на пример, да се намали брзината на возењето по улиците, да се обезбеди зелен коридор за движење на коали и да се зачуваат еукалиптусите. Но, за жал, коалите имаат уште еден проблем, а тоа е болест.
Ветеринарот Џон Хенгер од Квинсленд вели дека половина од популацијата на коалите е заразена со кламидија, болест што се пренесува преку сексуален контакт. Во некои диви популации, повеќе од половина од сексуално зрелите жени се неплодни. Потеклото на оваа болест не е познато, но се манифестира како урогенитална и окуларна болест и се пренесува со парење и раѓање, како и со борбата меѓу мажите. Кламидијата за луѓето не е смртоносна, но за коалите е.
– Жално е што Квинсленд не презема ништо конкретно за да се пречи изумирањето на коалите. Прво треба да се спасат загрозените живеалишта, а јас со мојот тим работам за создавање вакцина против кламидија – вели Хенгер.
Но неодамнешниот извештај што е поднесен од Австралискиот сенат се наоѓаат неколку предлози за да се спасат коалите, меѓу кои контрола на популацијата, мапирање на живеалиштата, мерки за заштита на коали што се наоѓаат на приватни и државни земјишта.