Да ги сумираме резултатите од локалните избори.
СДСМ убедливо победи. Освои многу повеќе гласови на советничките листи во кои нема да има мнозинство. Ги освои сите побитни градови со кои нема да владее. Прогресивното граѓанство го декласира злото што проба да се обедини. Така е тоа кога урбаната дијагноза се бори против непрогресивната небањатост. Победата на овие избори е само во главите на вмровците. Сепак, СДСМ не се апсолутни победници.
Апсолутни победници се ДУИ. Затоа што зелената агенда е секогаш победничка. Некогаш чистиш улици, а некогаш зборуваш за етнички чисти победи. Тоа не се нарекува нацизам, туку екологија. ДУИ победи губејќи ги Тетово и Гостивар. Кој губи има право да се чувствува како победник. Поразените победници, пак, имаат право да се лутат. Затоа што не им е зелена агендата, туку такви се во црпките.
Како ВМРО-ДПМНЕ, на пример. Тие се поразените. Освоија помалку гласови од минатите избори. Изгубија речиси во сите општини низ државата со кои ќе владеат следните четири години. Најголем пораз од прогресивните добија токму во најпрогресивното Скопје. Затоа што Скопје е дијагноза, а вмровците небањати лузери. А бидејќи не победија во Скопје, мораа да го окупираат. И сега несовесно ќе градат, ќе загадуваат воздух и ќе сечат дрва.
Сепак, најлузери излегоа Нордистанците. Можеа да си добијат патека за Формула 1. Да ги гледаат во живо Хамилтон и Фетел. Да станат дел од светската тркачка писта. Брзи и бесни. Ама, не. Тие сакале Бугарка да им биде градоначалник. И тоа ем Бугарка, ем унгарски шпион. Море, ем Бугарка, ем унгарски шпион, ем работи за Русите. Да, да, за Русите. Кажа еден врвен аналитичар.
Резултативе од изборите мирисале на руско сценарио. На руско влијание. И мене така ми замирисаа најискрено. Така маваат Русите. Локално. Сакаат преку своите вмровски пиони да завладеат со велелепните нордистански села и паланки. Да го истиснат од нив духот на НАТО. Светиот дух на НАТО. И потоа да го забетонираат своето присуство по улици и булевари. Да го наполнат чистиот нордистански воздух со руски ПМ-честички. Ама глуп народ, не разбира.
А таму кај што има Руси, има и унгарска шпионажа. Тоа веднаш значи антиевропска шпионажа. Унгарија е познат непријател на Европската Унија. Ене, и Полјаците ги заразија со таа еврофобија. На тој начин Москва сака, преку Унгарија, Полјаците да ги претвори во Руси. Така уште полесно и Нордистанците ќе ги направат Руси. И ете ти катастрофа. Која, секако, не завршува тука.
Секогаш кога Руси ти подметнуваат унгарски гулаш, сосем логично е од него да изникне бугараштво. Ама не она добро бугараштво, кое администрирало во Втората светска војна, не она што преку цивилизирани комисии сака најевропски да те уцени да признаеш дека ти си Бугарин со бугарска историја, кој зборува западнобугарски дијалект, не таква прогресивна бугаризација, туку онаа гадната, вмровска небањата бугарштина.
Оттука и појавата на Данела Арсовска. Типична вмровска Бугарка. Не забележувате дека личи на Тодор Александров? А кога си вмровска Бугарка, што не е исто со прогресивна Бугарка, логично е да си грда унгарска шпионка. Не ви личи на Заза Габор? Во очите ѝ се гледа дека ѝ служи на Русија. Сигурно има таен ген на Романови. Море и на Распутин. А Распутин се римува со Путин.
Тодор Александров, Заза Габор, Романови, Распутин и Путин… ете го стеблото на злото каде што гнездо направи Данела и сега Скопје ќе остане без својата урбана дијагноза.
Ако внимателно ми ја следите анализава, секако ќе стигнете до Бранко Црвенковски. Нема потреба јас да ве носам таму. Бугарска вмровка, плус унгарска шпионка, плус руско сценарио, еднакво Бранко Црвенковски. Логично, нели?
Одиме понатаму со анализата, со уште логика.
Ако победиш на избори како што ти успеа референдумот, сосема е логично да дадеш оставка. Затоа што тоа е патот на успехот. Уште пологично е да не ти ја прифатат оставката. Бидејќи тоа е идејата на прогресот. Најлогично е да се појави и Питер Ванхауте. Затоа што мачките од лимените вжештени покриви понекогаш се спуштаат меѓу обичните смртници за да мјаукаат на Твитер. Тоа добрите, прогресивни мачки, не оние што гребат мерцедеси. Тие се злото.
Русјаков, не си баш со сите, а?
Не сум. Болен сум. Имам ковид-19. Не знам како ќе заврши таа приказна. Ама оваа, другава приказна, политичкава, толку е безумна, што немам во себе друг книжевен пристап, освен да пеам со гласовите на апсурдот и цинизмот. Жими Бекет и Диоген.
Се јави Ванхауте и тоа, секако, е најголемиот успех на овие избори. Јас да се прашував, би организирал избори само Питер Ванхауте да се јавува со коментари под кои најевропски предат мачки. Додека постојат вакви ликови низ ЕУ, која застана зад идентитетскиот холокауст врз Македонците, јасно ми е дека и самата Унија е безидентитетска празнотија.
Изборите завршија. Видовме страшно црна кампања, полна мизогинија, омраза, закани, поткупи и да не го верглам она што и сами го знаете, муабетот ми е дека не видовме истопорени амбасадори на ТВ-екрани, не чувме како ЕУ и САД се закануваат дека ова недемократско однесување на власта ќе биде санкционирано, не видовме ништо од вообичаениот нивни хистеричен фолклор со кој нè отекоа за време на минатата власт. Затоа што овие аздисаниве, нивни се, тие ги октроираа и со нивна дозвола аздисуваат.
Мене друг момент ме радува. Будењето на прогресивното граѓанство луѓенца. Повторното враќање на интелектуалната бижутерија. Па, сите градови, вклучувајќи го и нивното Скопјенце, окупирани се од вмровчишта. Од злото, како што вели нивниот гуру. Некои ликови веќе најавуваат дека ние, зли и небањати, ќе ги влечеме по улици, ќе ги малтретираме и убиваме. Жими, Монти Пајтон, така е!
Не знам за вас, ама мене воздухов некако загаден ми се гледа. До пред само две недели имав чувство дека живеам крај море, толку ми беше убаво вдишувањето, а сега сè е некако сиво и смрдливо. А и дрвава во парков под мојот прозорец. Наслушнувам, тивко плачат и шепотат со тоа лисјата дека, кај и да е, ќе дојдат едни убијци на дрва и ќе ги сечат. Лисјата се договорија здружно да паднат за да не гледаат како стеблото крвави под злосторничкиот звук на моторната пила. Мислам, редно време е да се вратат паркобраните.