Една од причините за континуираната политичка нестабилност на земјите од регионот, како што посочуваат политиколозите, е слабоста на постојните изборни системи што ги фаворизираат големите партии, кои ги делат луѓето и општеството на два дела, без да им се овозможи пристап на партиите што промовираат нови вредности да учествуваат во поделбата на власта
Никулците на политичките кризи лежат и во изборните системи
Спроведувањето на изборите во земјите од Балканот најчесто претставувало извор на „нестабилност“ и причина за продлабочување на кризата во општеството. Периодот пред одржувањето на изборите и по конституирањето на власта за земјите од регионот претставува и изгубено време, во кое се троши непотребно енергија на промовирање популистички политики од спротивставените табори. Во овој период целосно запираат започнатите реформи, кои се неопходни за фаќање приклучок со побогатото и постабилно европско друштво.
Но наместо да се посветат на изградба на функционален државен апарат, кој ќе биде во функција на подобрување на животот на граѓаните, политичките субјекти се насочени кон правење разни коалиции за што подолго да се одржат или, пак, да дојдат на власт.
Во такви околности, една од причините за континуираната политичка нестабилност на земјите од регионот, како што посочуваат политиколозите, е слабоста на постојните изборни системи што ги фаворизираат големите партии, кои ги делат луѓето и општеството на два дела, без да им се овозможи пристап на партиите што промовираат нови вредности да учествуваат во поделбата на власта.
Ваквата слика е иста во сите земји од Западен Балкан, а најдобра слика за тоа се случувањата во Црна Гора, каде што по драматичните промени на власта и падот на Мило Ѓукановиќ, новото парламентарно мнозинство е на стаклени нозе и секој момент може да се распадне. Во Косово, по повторувањето на изборите, партијата на Албин Курти не може да воспостави квалитетни промени, а своето политичко дејствување го темели исклучиво на конфронтација со Србија. Босна и Херцеговина е во постојана политичка криза, која е предизвикана од етничките поделби во земјата. Во Србија неколку години доминира Александар Вучиќ, додека опозицијата не може да најде соодветен начин да ѝ парира на власта, предводена од Српската напредна партија. Македонија, по поразот на социјалдемократите на локалните избори и оставката на Зоран Заев од премиерската позиција, влегува во нова политичка неизвесност.
Како најилустративен пример на лошото влијание на изборниот систем на општите процеси во една земја е примерот со Босна и Херцеговина, каде што власта е поделена на неколку нивоа, во кои доминираат партиите што дејствуваат на етнонационални и националистички политички платформи.
Политичките лидери на Србите, Бошњаците и Хрватите подолго време не можат да најдат компромисно решение за промена на Уставот на Федерацијата БиХ. Во измените на изборниот закон, кои се подготвуваат со посредство и на претставници на САД и на Европската Унија, биле разгледувани предлозите да има две изборни единици за избор на членови на Претседателство на БиХ без да се избрише етничкиот префикс. Како што дознава „Аваз“, решението што го преферираат САД и ЕУ подразбира и бришење на етничкиот префикс, но со создавање повеќе изборни единици во Федерацијата за избор на Претседателството. На овој начин се отвора можноста за вклучување и други чинители во изборната трка, кои не би биле теснонационално определени, туку би се направил обид за правење нови внатрепартиски комбинации што реално би ја отсликувале демографската слика на земјата.
Во Србија, неколку месеци се води политички дијалог меѓу партијата на власта и дел од партиите во опозиција за новите изборни правила. Минатата недела, како што информираа медиумите во Србија, беше потпишан Договор за унапредување на условите за одржување на изборите, кои се закажани за следната пролет. Целта на овој договор, како што изјави Ивица Дачиќ, претседател на српското собрание, е да се одржат изборите во демократска атмосфера.
Со овој договор, кој е постигнат и со европарламентарците, се предвидува формирање привремено тело за контрола на медиумите и проширување на Републичката изборна комисија. Договорот предвидува и шест члена од постојниот состав на Републичката изборна комисија да бидат избрани од парламентот по предлог на опозицијата, која, пак, моментално е поделена во два табора. Се предвидува цензусот за наредните избори да биде три отсто, а заради рамноправна застапеност на партиите во медиумите, договорено е десет дена пред изборите медиумите да не можат да известуваат за официјални собири на кои се отвораат инфраструктурни и други објекти. Во областа на медиумите е договорено основање на привремено надзорно тело, како ад хок тело на Владата на Србија, чија надлежност ќе биде и следење на медиумите и спроведување на препораките за приватните емитери со национална покриеност.
Македонија: Со непроменетиот изборен модел се оштетени помалите политички партии
Во анализата за напредокот на Република Македонија во исполнувањето на политичките критериуми неопходни за членство во ЕУ, насловена „Изборен систем – еден од главните извори на кризи во РМ“, се нагласува дека „изборниот систем, особено избирачкиот список, шесте изборни единици, начинот на решавање по приговорите, притисоците врз гласачи итн. се константни извори на дестабилизација во Република Македонија“.
Во овој извештај, кој беше изработен во 2018 година, со помош на „Метаморфозис“, се даваат итни препораки за во иднина: промена на изборниот модел – една наместо шест изборни единици и отворени листи, со соодветен изборен праг достижен и за помалите партии или независните кандидати, промена на начинот на регистрацијата на избирачите во избирачкиот список и зајакнување и прецизирање на казнената политика за притисоци врз избирачи и клиентелизам.
Практиката во изминатите децении во Македонија, особено во последните десет години, покажа дека изборите за централната власт често се спроведуваат надвор од роковите, односно тогаш кога тој што е на власт ќе процени дека со вонредни избори има шанса да остане на власт. Така, од 2008 до 2017 година земјата е постојано во процес на подготовка или спроведување избори – вонредни парламентарни, претседателски, локални, референдум итн. Изборниот законик го регулира начинот на избори според кој се фаворизирани големите политички партии, оценуваат експертите.
Со непроменетиот изборен модел се оштетени помалите политички партии, како и независните кандидати, бидејќи им се намалуваат шансите да добијат доволен процент гласови во секоја изборна единица за да обезбедат влез во Собранието, се наведува во извештајот.