Се огласи Хана Гутиерез Рид, која ја контролираше употребата на реквизити на сетот на филмот „’Рѓа“, во текот на чие снимање дојде до фаталниот инцидент во кој актерот Алек Болдвин со пиштол-реквизит ја усмрти директорката на фотографија Халина Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуза.
Гутиерез (24), која заедно со помошникот-режисер Дејвид Халс е во средиштето на истрагата за убиството, за првпат ја претстави својата страна од приказната, пишуваат медиумите во светот.
Гутиерез тврди дека не знае како вистинските куршуми стигнале до сетот. Таа рече дека била принудена да работи две работи, па не можела да се фокусира на безбедноста на оружјето, а за инцидентот ги обвинила продуцентите бидејќи создале небезбедна средина на сетот.
Инцидентот се случи на 21 октомври, кога Болдвин за време на снимањето на сцената во црквата вперил „Колт“ во камерата и пукал мислејќи дека оружјето е безбедно. Но, тој ја убил Хачинс, која стоела зад камерата и го ранил режисерот Џоел Соуза, кој стоел зад неа.
– Безбедноста е приоритет број еден на снимањето. На крајот на краиштата, овој сет никогаш немаше да биде загрозен да не беа вистинските куршуми – изјави Гутиреез, додавајќи дека не знае од каде дошле вистинските куршуми.
Адвокатите на Гутиерез потврдија дека таа работела на две позиции, што и го отежнувало фокусирањето на работата. Таа работела како главен асистентка во одделот за реквизити.
Нејзините тврдења се слични на оние на другите членови на тимот кои исто така рекоа дека продукцијата не е безбедна. Повеќето го обвинија помошникот директор Дејв Халс, за кого се вели дека во минатото бил обвинет за прекршување на безбедноста.
Шерифот на округот Санта Фе, Адан Мендоза рече дека никој не е ни исклучен како потенцијален виновник.
– Сите опции се на маса – рече окружниот обвинител во Санта Фе, Мери Кармак-Алтвис.