Загреб – Во Хрватска, според информациите на медиумите, вчера се регистрирани повеќе од 4.400 нови случаи со коронавирус. Завчера во оваа земја имаше 3.360 нови случаи, а починаа 30 пациенти, додека уделот на позитивни од тестираните беше речиси 31 отсто.
Бројот на активни во Хрватска изнесува вкупно 17.944. Од нив во болница се лекуваат 1.170 пациенти, а 139 се на респиратор. („Јутарњи лист“)

Тирана – По масовното труење од водата за пиење во Круја, до вчера лекарска помош во градската болница побарале 500 лица од сите возрасни категории. Лекарите за телевизијата изјавиле дека граѓаните на кои им била укажана прва помош се вратиле во своите домови. Новиот водовод во Круја чинел 376 милиони леки, а бил пуштен во употреба од страна на премиерот Еди Рама во март годинава, само еден месец пред изборите. Од „Водовод Круја“ се наведува дека поради обилните врнежи од дожд во саботата попладне дошло до контаминација на водата за пиење каде што има присуство на амонијак над претходно констатираното ниво. (Ора.њуз)

Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја повика Турција да се откаже од својот „агресивен став“ и да се вклучи во разговорите за нивниот поморски спор. Мицотакис, за време на посетата на Саудиска Арабија за зајакнување на врските со земјите од Заливот, предупреди дека Грција ги „исцртала своите линии многу, многу јасно“ по потпишувањето на одбранбените договори со САД и Франција претходно овој месец. (БГНЕС)


Бисер балкански

САД не избираат балкански лидери

– Соединетите Американски Држави немаат во план да избираат лидери на Балканот. Не сакам да разочарам некого, но санкциите нема да бидат нашата главна алатка, тоа не е решение за Балканот. Решението се избори и мотивирање на граѓаните и јавноста да учествуваат во политичкиот простор. Мора да се отвори поголем простор за дијалог со цивилното општество. Без разлика дали политичарите ја разбираат мојата порака, верувам дека јавноста ја разбира – изјави Габриел Ескобар, заменик-помошник секретар на Бирото за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот.
Ескобар го пренесе ставот на САД дека регионот постигнал голем напредок на патот кон ЕУ, а намерата на сегашната американска администрација е да се зборува за итност на решавањето на некои проблеми во приближувањето кон Унијата.