Остварениот пласман е едно место подобро од рангирањето на репрезентацијата пред почетокот на турнирот. Титулата ја одбрани Русија, среброто ѝ припадна на Полска, а бронзата на Србија

ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ

Македонската репрезентација (1.871 рејтинг-поени, рангирана на 12-то место пред турнирот), го освои 11-то место на 16. Шаховска олимпијада (ШО) за слепи и слабовидни играчи во Грција. Македонија освои девет бода (16,5 по табли), со по четири победи и порази и едно реми. Најуспешен македонски шахист е Зоран Костадиновски на втората табла со 5,5 поени. Жарко Селковски освои пет на првата табла (плус 14,2 рејтинг-поени), Блаже Атанасовски и Трајче Димов по три поени, сите од по девет одиграни партии. Во 9-то коло, Македонија ја совлада Канада (рангирана последна, на 22-то место, 1.462 рејтинг-поени) со 2,5-1,5. Победи Димов, а другите партии завршија мирољубиво.
– Со оглед на бројот на активни слепи и слабовидни шахисти кај нас, 11-то место претставува успех и е едно место над рангирањето на репрезентацијата пред почетокот на турнирот. Селковски и Костадиновски беа столбот на селекцијата. Остварениот пласман е и подобар од минатата ШО, во 2017 година во Охрид, кога бевме 14-ти, што значи дека полека одиме напред. Што е многу значајно, обезбедивме и пласман на Светското првенство, кое ќе се одржи во 2022 година во Македонија. Продолжуваме да се подготвуваме – ни изјави селекторот на репрезентацијата, ВМ Трајко Недев.
Титулата ја одбрани Русија (рангирана на првото место пред почетокот на Шаховската олимпијада), која ги доби сите девет дуели и освои 18 бода (29,5), среброто ѝ припадна на Полска (рангирана на второто место) со 14 бода (26), а бронзата на Србија (рангирана на петтото место) со 14 бода (24).