Некои познати места и луѓе се подготвуваат за најголемиот зимски спортски настан. Пекинг повторно ќе користи пет спортски објекти од ЛОИ, како дел од своите цели за одржливост. И спортистите се трансформираат од лето во зима, како скокачот во далечина, Британецот Радерфорд, кој настапи на ЛОИ 2008 и 2012, па сега сака да се натпреварува во боб на ЗОИ 2022, а Канаѓанецот Де Хајтре, пак, оди на друго ниво, бидејќи има цел да се натпреварува во Пекинг само 180 дена по појавувањето на ЛОИ во Токио

СТО ДЕНА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ЗИМСКИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ

Каква врска има одличниот пливачки ас Мајкл Фелпс со карлингот? Не многу, но претворете ја водата во мраз на олимписка локација и приказната станува поинаква. Базенот со 10 патеки каде што Американецот освои осум златни олимписки медали во 2008 година е трансформиран во лизгалиште со четири патеки за Зимските олимписки игри во 2022 година, а Пекинг се подготвува да стане првиот град што бил домаќин и на летните (ЛОИ) и на зимските олимписки игри (ЗОИ). Не е само кинескиот главен град тој што ги менува спортските сезони, има и спортисти што ги менуваат тренерките за лизгалки, додека го следат двојниот олимписки сон, пишува „Би-би-си“.
Остануваат уште 100 дена пред да почнат ЗОИ (4 февруари), а гледаме како некои познати места и луѓе се подготвуваат за најголемиот зимски спортски настан. Пекинг повторно ќе користи пет спортски објекти од ЛОИ, како дел од своите цели за одржливост. Една од најнезаборавните од 2008 година беше „Водената коцка“, зграда во облик на кутија, обложена во саќе од проѕирни перничиња и осветлена во сино, која беше домаќин на пливањето, нуркањето и на уметничкото пливање. Сега таа има реновирани капацитети, осветлување и вентилација за да стане место за карлингот, а штом ќе завршат Игрите, сезонски ќе се префрла помеѓу водни и зимски спортови, пишува „Би-би-си“.
Второ клучно место од пред 13 години, стадионот „Птичје гнездо“, исто така, ќе добие уште еден олимписки изглед кога ќе биде домаќин на свеченото отворање и затворање на Игрите. Хокејот на мраз ќе се одржува на две од местата користени во 2008-та, Националниот затворен стадион што беше домаќин во ритмичка гимнастика и ракомет и спортскиот центар „Вукесонг“, кој беше дом на кошарката. На затворениот стадион „Капитал“ каде што се играше одбојка на ЛОИ ќе се одржуваат брзо лизгање на кратки патеки и уметничко лизгање.

Има едно ново место на постојниот Олимписки парк, каде што националниот терен во брзо лизгање сега стои на место што порано се користело за хокеј и за стрелаштво. Уште едно место што ќе се користи во Пекинг е новиот Биг Ер Шуганг, кој се наоѓа на поранешна челичарница подалеку од Олимпискиот парк, а настаните во лизгање, скијање и сноуборд ќе се одржуваат во два други центри поврзани со железница, оддалечени еден час од Пекинг.
И спортистите се трансформираат од лето во зима. Местата од ЛОИ 2008 му се многу познати на британскиот скокач во далечина Грег Радерфорд, кој стигна до финалето на неговото деби на ЛОИ, четири години пред да го освои златото во Лондон. Ако работите одат според планот, тој овој пат би можел да биде во боб-санки, бидејќи е именуван во еден тимовите на Велика Британија што ќе се обиде да се квалификува за ЗОИ. Има многу вакви ситуации кога спортисти се префрлаат помеѓу летните и зимските игри, а ниту еден Британец не освоил медали на двете. Друг член на британската екипа за боб, Монтел Даглас, исто така, се надева дека повторно ќе се натпреварува во Пекинг, откако се тркаше на 100 метри за жени во 2008 година. Канаѓанецот Винсент де Хајтре, пак, оди на друго ниво, бидејќи има цел да се натпреварува во Пекинг само 180 дена по појавувањето на ЛОИ во Токио. Тој веќе е двоен олимпиец, се натпреваруваше во брзо лизгање на ЗОИ 2018, пред да настапи во велосипедизам на патеката во Токио.