Дигиталниот ковид-сертификат или ковид-пасош ќе бидат потребни за влез во просториите на Европскиот парламент во Брисел, Стразбур и во Луксембург од 3 ноември, според мејлот испратен од директоратот за персонал на ЕП, во кој увид имал „Политико“.

Одлуката била донесена од генералниот секретар на ЕП Клаус Веле, откако мнозинството од потпретседателите гласале за воведување на сертификатот. Ваквата одлука предизвикала незадоволство кај дел од европратениците кои сметаат дека ги подрива нивните права.

– Според нашите сознанија, Европскиот парламент ќе биде првиот во Европа што ќе воведе таква мерка – се вели во писмото што група европарламентарци го испратила до претседателот на ЕП Давид Сасоли.

Тие наведуваат дека ваквата одлука го крши фундаменталниот принцип на демократскиот дом, според кој никогаш не смее да се забрани влез на избран претставник што ги исполнил сите законски обврски.