Србија, Хрватска, Бугарија и Словенија во изминатите 14 дена бележат висок раст на новозаболени од ковид-19
Бројот на новозаразени од коронавирусот на Западен Балкан во октомври, во споредба со септември, е зголемен за 60 отсто. Во последните 14 дена во регионот се регистрирани 166.017 новозаболени од ковид-19, покажува анализата на агенцијата „Анадолија“. Најголем број новозаболени има Србија, за над 93 илјади лица. Зголемен раст на пациенти има и Хрватска со 27.977 новоинфицирани, Словенија со 18.976. Следува Босна и Херцеговина со 8.122 новозаболени во последните 14 дена. Албанија бележи благ пад со 6.797, Црна Гора има 5.759 и Македонија со 4.899 новоинфицирани. Во Косово се регистрирани 238 новозаболени од ковид-19.
Според бројот на хоспитализирани на милион жители поради ковид-19, во првите пет земји во светот се најдоа две земји од регионот, Хрватска и Словенија, кои се на второ и трето место. Во Србија има повеќе хоспитализирани отколку во Франција, Италија и во Португалија, земји што до неодамна беа жаришта на коронавирусот. Вкупниот број починати во Србија од почетокот на епидемијата е 9.509 лица.
Србија, која на почетокот на пандемијата минатата година прва обезбеди вакцини за своите граѓани, деновиве се соочува со голем број новозаболени лица на дневна основа. Според бројот на хоспитализирани пациенти со коронавирусот, таа се најде на првото место во светот. Неделава бројот на хоспитализирани достигна 6.726 пациенти, кои се сместени во здравствените установи и привремените болници, додека во вторникот починале 60 лица.
Епидемиологот д-р Бранислав Тиодоровиќ предупреди дека состојбата во Србија не е веќе вонредна, туку е катастрофална. Тиодоровиќ смета дека е многу лошо што младите се „предадоа“ на ноќен живот и постојано се во големи групи. Тој предлага да се воведат најстроги мерки, односно и воведување десетдневен карантин, за да се смири сегашната состојба.
Властите во Србија секојдневно апелираат граѓаните да се вакцинираат бидејќи, како што велат, тоа е единствениот начин да се излезе од епидемијата. Од завчера во Србија почна употреба на ковид-пасошите, што треба да резултира со поголем број вакцинирани лица.
Бугарија во вторникот пријави рекорден број смртни случаи и инфекции со коронавирусот. Бројот на новоинфицираните во претходните 24 часа достигна 5.863, додека 243 лица починаа од последиците на ковид-19, пренесува „Ројтерс“.
Бугарија се соочува со растечките инфекции и бавната вакцинација. Досега има 23.316 починати од ковид од почетокот на пандемијата. Неделава се воведени и задолжителни здравствени пропусници за повеќето затворени јавни простори. Новите ограничувања предизвикаа протести, а некои политички партии ја обвинуваат привремената влада дека не успеала да се справи со пандемијата во пресрет на парламентарните избори од 14 ноември.
Од здравствените власти како опција се предвидува и лекување на болните во други земји, поради недоволниот број легла во земјата. Повеќе од 7.100 лица се наоѓаат во ковид-одделенијата на болниците, а повеќе од 90 отсто пациенти не се вакцинирани. Бројот на вакцинираните во Бугарија е најнизок во ЕУ, со само 24 отсто кај возрасната популација, во однос на 74 отсто што е просек во ЕУ.
Два дена по ред во Хрватска бројот на новозаболени е над три илјади. Вакви високи дневни скокови не се забележани од врвот на третиот бран на епидемијата во април годинава.
– На удар се старите лица, а од нив не се вакцинирани една четвртина. Станува збор за 238 илјади лица постари од 65 години. Се приближуваме до бројката од девет илјади починати лица. Вакцината е ефикасна, штити од потешки облици на болеста и одговорноста е на секој граѓанин и слободно да донесе разумна одлука за вакцинација, која е заснована на научните факти – порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Во Хрватска процентот на целосно вакцинирани возрасни лица е 52,18 отсто, со трета доза се вакцинирани 2.989 лица. Во четвртиот бран на коронавирусот процентот на вакцинирани лица е поголем, додека бројот на оние што се хоспитализираат е помал од претходните бранови, нагласи Вили Берош, министер за здравство.
– Во изминатите денови од сите хоспитализирани пациенти, 70,8 отсто не биле вакцинирани со ниедна доза. Во истиот период на респиратори се ставени 100 лица, од нив 86 не биле вакцинирани. Најголем број на новозаболени има меѓу младите од 10 до 19 години, како и од 40 до 49 години – изјави Берош.
Од Клиничкиот центар во Загреб соопштија дека во четвртиот бран е забележан пократок престој на пациентите на болничко лекување и сега е намален на 7,2 дена, во споредба со 12,5 дена во третиот бран. Ова е затоа што има помлади пациенти без коморбидитети, кои побрзо заздравуваат.