Фото: Маја Јаневска-Илиева

Растот на минималната плата на 18 илјади денари, т.е. над педесет отсто од просечната плата, ќе го наруши економскиот развој на државата и негативно ќе влијае на продуктивноста на работниците

Владата најави зголемување на минималната плата на 18 илјади денари, синдикатите бараат да се покачат и другите плати за да не се доведеме во ситуација сите да работат за минималец, а бизнис-секторот се жали дека тоа може да предизвика отпуштање работници, иако постојано велат дека им недостига кадар.
Бизнисот реагира дека ако минималната плата се зголеми на 300 евра, тоа може да доведе до нови отпуштања. Минималецот треба да се зголемува во согласност со законот, а не со политички одлуки, објаснува претседателот на собранието на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
– Сѐ додека минималната плата не надминува педесет отсто од просечната плата е добро и е во интерес на работниците и нивните семејства. Ние сме свесни дека просечната плата во државата расте и тој пораст треба да се земе предвид при креирањето на политиките за раст на минималната плата, но тие политики не смеат да бидат политички, со одлука на Влада да се покачува, туку да се имаат превид стапките на раст на БДП, на инфлацијата и на просечната плата – споменува Димитров.

Тој алармира дека зголемувањето на минималната плата над педесет отсто од просечната ќе го наруши економскиот развој на државата и негативно ќе влијае на продуктивноста на работниците.
– Ќе се случи огромен број работници, како во приватниот така во јавниот сектор, да имаат иста плата. Во таков случај, вие не може да ги мотивирате добрите работници да работат. Од една страна се зголемуваат трошоците, а од друга страна се намалува продуктивноста на добрите работници – вели тој.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, истакна дека десет месеци бараат минималната плата да се усогласи со просечната и да изнесува 60 отсто од просечната.
– Но бараме усогласување и на другите плати, односно да има едно скалесто зголемување на платите, во согласност со колективните договори. Затоа, ние како сојуз сметаме дека е неопходно да се применат колективните договори по гранки или, како што ги викаме, по сектори, за да не дојде до уравниловка на сите плати, бидејќи не може сите да земаме минимална плата, и таа да изнесува 60 отсто од просечната плата, и да се изедначиме до другите плати, кои во колективните договори во согласност со нивните работни места, сложеноста и креативноста на тие работни места се со поголем коефициент од коефициентот еден, односно од минималната плата, која моментално изнесува 15.200 денари – смета Димовски.