Од книгата „Бисерчиња од детски главчиња“ на Славка Арсова (10)

– Мамо, јас многу ја сакам баба, ама и не ја сакам!
– Како тоа Алек? Ја сакаш и не ја сакаш, мене не ми е јасно – вели мама Ане.
– Ама мамо, јас многу, многу ја сакам баба – категоричен е малиот Алек, па продолжува да ја убедува мајка си.
– Знаеш, мамо, само за „едно“ – не ја сакам.
– Што е тоа едно, поради кое не ја сакаш баба ти?
– Многу е грижлива! – отсечно одговори Алек.
Мајка му слатко се изнасмеа за убаво смислениот збор, па рече:
– Што значи грижлива?
– Па, мамо, тоа значи: јади Алек, внимавај Алек да не паднеш, измиј ги рацете Алек… Ако сум болен – леле Алек, дури и плаче кога сум болен… Мамо, баба многу се грижи, може и таа да се разболи. Не треба да биде толку грижлива!
– А-а… значи, тоа е причината што не ја сакаш! Но, Алек, сите баби се грижат за своите внуци. Исто како мајките.
– Добро мамо, штом е така како што велиш ти, не важи тоа „едно“. Јас многу ја сакам баба Цале! Така да знаеш!

Коментар: Така е Алек! И ние дознавме колку многу ја сакаш твојата баба. А таа и натаму ќе биде грижлива за тебе, како и сите баби.


За авторката

Славка Арсова е поетеса и писателка за деца и млади. Родена е во Скопје, каде што завршила Филозофски факултет, а денес е професорка во пензија. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија.
Била членка на Претседателството на ДПМ во два наврати, претседателка на Здружението на просветни работници на РМ и претседателка и основачка на детскиот републички литературен фестивал „Ракатки“.
Добитничка е на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, награда на манифестацијата „Месец на липите“, наградата за животно дело на Здружението на просветни работници – литературни творци и други признанија.
Автор е на повеќе книги за возрасни, а за најмладите читатели ги издала: „Именијада“, „Да полетаме со птицата“, „Детски лажгосмешки“, „Имиња без презимиња“, „Детски ѓаволштини, „Дом на месечината“, „Зелениот брод“, „Мобилките пред пештерата“, „Волшебниот свет на децата“, романот „Солзите на Роска“ и „Бисерчиња од детски главчиња“ 1 и 2, од кои објавуваме делови.