Американскиот архиепископ Елпидофор напиша на Твитер: „Со задоволство им соопштувам на сите дека нашиот духовен отец, Неговата Светост, штотуку е пуштен од болница. Тој се чувствува добро и е подготвен да ја продолжи официјалната апостолска посета.“
81-годишнииот патријарх бил префрлен во Универзитетската болница Џорџ Вашингтон, каде му било препорачано да се одмори и е под опсервација, откако во саботата пристигнал во 12-дневна посета во американската престолнина.
Тој требаше да присуствува на црковна служба во Вашингтон, но не се чувствуваше добро по долгиот лет и напорниот распоред.
Посетата на патријархот Вартоломеј вклучува средба со претседателот Џо Бајден.
Покрај закажаните состаноци со највисоките американски претставници, Вартоломеј треба свечено да ги „отвори вратите“ на Грчката православна црква и националниот храм Свети Никола во Њујорк, кој беше изграден наместо парохиската црква уништена на 11 септември 2001 година во нападот врз Светскиот трговски центар.
Тој првично требаше да ги посети САД во мај 2020 година на покана на тогашниот државен секретар Мајк Помпео, но неговото патување беше одложено поради пандемијата со ковид-19.
Вартоломеј треба да добие почесна диплома од Универзитетот во Нотр Дам в четврток, на настан на кој се истакнуваат напорите за подобрување на православно-католичките врски, неколку векови по расколот во 1054 година, во услови на спорови околу теологијата и папските претензии за превласт.