Сè потешко ми е да ве информирам за работата на нашата комисија. Не сме во позиција бидејќи не се постигнати резултати. Веќе две години не можеме да зборуваме за резултат. Ова на денешниот брифинг, како што пренесуваат бугарските медиуми, го истакнал Ангел Димитров, копретседателот на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Република Северна Македонија.
„Се надевавме дека нешто може да се промени. Тоа го направивме за да може да се постигне договор, но вчера попладне нешто се промени и нашите колеги од РСМ се вратија на старите позиции. Нашите колеги не може да дозволат размислување за заедничка историја и за она што е запишано во договорот за пријателство и добрососедство“, рече Димитров.
Според него, Македонците, како што вели, не покажуваат никаква желба да имаат заедничко чествување на заеднички личности.
„Нашата желба да излеземе од ќор-сокакот декларативно ја поддржуваат нашите колеги, јавно се кажуваат работи што навистина немаат врска со работата на заедничката комисија“, рече историчарот и посочи дека не гледа никаква желба од страна на РСМ.
„За жал, сите наши обиди да направиме чекор напред застанаа. Наводите на РСМ потонаа во јамата на безволност ископана од нив“, заклучи тој.