Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и компанијата „Флекс кредит“ потпишаа Меморандум за соработка, од кој придобивка во вид на практични знаења, но и можности за вработување ќе имаат студентите на Економскиот факултет.
– Овој Меморандум претставува основа за реализација на многу идни активности во делот на образованието, претприемништвото и финансиите. Од активностите како најзначајни ги издвојуваме: реализација на практична настава на нашите студенти, што ќе им помогне да стекнат практични вештини, како и работно искуство кое ќе им помогне понатаму во нивно вработување како и да бидат поконкурентни на пазарот на трудот. Реализација на заеднички настани: тркалезни маси, семинари, обуки, учество во реализација на национални, меѓународни заеднички проекти – изјави
деканката на Економскиот факултет, проф. д-р Оливера Ѓоргиева-Трајковска.
Според генералниот менаџер на „Флекс кредит“, Горан Арсов, од соработката која треба да произлезе од потпишаниот договор бенефит ќе имаат сите, но најмногу студентите.
– „Флекс кредит“ е меѓународна компанија за финансирање која функционира во 4 држави, а во Македонија од март 2020 година. Со овој Меморандум се надевам дека ќе им дадеме можност на студентите од Економскиот факултет да допрат до реалната работна средина и да се вклопат во реалната работна структура. Соработката ќе се состои од два дела: прво сите студенти ќе поминат теоретска обука, а потоа и практика. Ќе им дадеме можност да работат со нашиот систем и со нашите клиенти и сето она што го имаат минато како теоретски дел, да видат како функционира во пракса. Се надеваме дека придобивките ќе бидат заеднички, така што би сакале на оние студенти кои ќе имаат заеднички интерес со нас да им овозможиме и работни позиции во „Флекс кредит“ – изјави Арсов