Прво помошник-државниот секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, а потоа и американскиот државен секретар за одбрана Џејмс Матис ќе ја посетат Македонија и ќе ги упатат своите пораки пред референдумското изјаснување на граѓаните
Во расчекор од само неколку дена и во една иста недела двајца високи американски државници пристигнуваат во Македонија.
Американскиот државен секретар за одбрана Џејмс Матис најави дека викендов ќе дојде во Македонија за, како што вели, „многу јасно“ да ги истакне американските ставови против руска агресија, додека земјата размислува за прифаќање на поканата за влез во НАТО, објави порталот „Хил“ од Вашингтон.
– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели на многу кратко патување дотаму и назад. Јасно ќе дадам до знаење дека сме со македонскиот народ – рече Матис вчера во Пентагон.
Медиумот информира дека Македонија во јули доби официјална покана за почеток на преговорите за влез во НАТО, на што се противи Русија, а власта во Москва рече дека земјата ќе стане „легитимна цел“ ако односите меѓу НАТО и Русија се влошат.
Матис истакна дека сака да осигури дека тие треба да знаат оти ние веруваме дека нашите македонски пријатели треба сами да си ја креираат својата иднина, а не некој однадвор.
Тој рече дека е загрижен оти Русија би можела да се обиде да се вмеша во Македонија исто како во Црна Гора пред влезот во НАТО лани, кога Подгорица ја обвини Москва дека се обидува да го спречи влезот на земјата во Алијансата и за обид за атентат врз премиерот.
– Тој вид пакост што Русија го практикува од Естонија до САД, од Украина до Македонија отсекогаш бил неприфатлив, што се однесува до мене – рече Матис.
Шефот на Пентагон во јули се сретна со македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска, на состанокот на балканските министри во Хрватска, неколку дена пред средбата Трамп – Путин во Хелсинки.
Инаку, Матис е вториот висок американски претставник што неделава доаѓа во нашата земја.
Според најавите, денеска во Скопје се очекува да пристигне и помошник-државниот секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел.
Пред да пристигне во нашата земја, Мичел ќе престојува во Грузија, каде што ќе учествува на Меѓународната конференција во Тбилиси и ќе ја изрази американската поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија.
По повод посетата на Матис на Македонија, Стејт департментот соопшти дека тој ќе има средби со македонскиот премиер Зоран Заев и со други официјални претставници за поддршка на спогодбата од Преспа меѓу Македонија и Грција и претстојниот референдум на 30 септември.
Натаму, Мичел во Скопје ќе има средби и со претставници на парламентарните партии и на бизнис-заедницата, со кои ќе размени мислења и ќе ја нагласи американска поддршка за приклучувањето на Македонија во западното семејство, се наведува во соопштението од Стејт департментот.
Ќе нѐ посети и еврокомесарот Хан
Во меѓувреме, според пишувањата на медиумите, и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, ќе ја посети Македонија пред одржувањето на референдумот на 30 септември.
Според најавите, Хан на 17 и 18 септември пристигнува официјално во Скопје како најавен гостин на „Медиумски денови на Западен Балкан“.