Потпирајќи се исклучиво на факти, докази и јавно искажани ставови и во интерес на граѓаните и пошироката јавност, нашиот весник подготви серија написи за искажани мислења или „еволуирање на ставовите“ порано и сега на истакнати правници, академици, професори, политичари и други јавни личности во врска со спорот за името со Грција
Со почетокот на кампањата за референдумот закажан за 30 септември, на кој македонските граѓани треба да се изјаснат во однос на прашањето дали се за ЕУ и НАТО со прифаќање на спогодбата со Грција, во јавноста секојдневно се зголемува бројот на изјави и ставови на истакнати јавни личности што ги елаборираат своите позиции во однос на референдумското прашање и, секако, спогодбата со Грција.
Интересно, истите овие личности, па и цели институции, како МАНУ на пример, имале сосема поинаков став претходно во однос на спорот со Грција. Со други зборови, порано тврделе, пишувале и се залагале за едно, сега говорат нешто друго. Објаснувањето од МАНУ на пример е дека еволуирале со текот на времето. Потпирајќи се исклучиво на факти, докази и јавно искажани ставови и во интерес на граѓаните и пошироката јавност, нашиот весник подготви серија написи за искажани мислења или „еволуирање на ставовите“ порано и сега на истакнати правници, академици, професори, политичари и други јавни личности во врска со спорот за името со Грција. Н.М.
Ставовите на Шкариќ сега
Професорот по уставно право Светомир Шкариќ сега, во своите последни јавни настапи, спогодбата со Грција ја оценува како политички функционален договор.
Тој смета дека договорот со Грција е добар, дека не се оспорува македонскиот идентитет, туку дека се забележува националноста Македонци и, иако некои тоа го разбираат само како државјанство, тоа може да се толкува и како етничка припадност. Професорот уште смета дека секој граѓанин што ќе го земе референдумското ливче во рака, ќе разбере дека договорот произлегува од резолуциите на ООН, ќе види дека во фокусот на референдумот е името, дека престанува да важи Привремената спогодба, Македонија ќе добие трајно име и на крајот ќе види дека станува збор за стратегиско партнерство со нашиот најважен сосед.
Шкариќ истакнува дека сега ќе биде проблем цензусот ако предлагачите на референдумот не покажат поголема активност и не се потрудат договорот од Преспа со сите свои елементи да го сфатат сите гласачи, тогаш цензусот ќе биде проблем. Конечно, со други зборови, професорот Шкариќ сега го оценува договорот со Грција, со кој се прифаќа ново име за севкупна употреба, но и се менува Уставот на државата, како добар и функционален.
Ставовите на Шкариќ порано
Пред 10 години професорот Светомир Шкариќ беше раководител и редактор на опсежен студентски проект, од кој потоа произлезе и книгата насловена „Спорот за името меѓу Македонија и Грција“. Во тој период Светомир Шкариќ е професор по Уставно право, Споредбено уставно право, Политички систем, Политички теории и Теории на мирот и конфликтите. Еве кои биле неговите ставови тогаш што се испечатени и во книгата: „Со забраните на придавката ’македонски’ – македонски народ, МАНУ, МПЦ авторите на предлогот сакаат да нѐ обезличат и македонските преговарачи мораат да инсистираат таквите забрани да отпаднат“, завршен цитат.
Во заклучокот од книгата уште се вели: „Штетите направени во изминатите години во билатералните односи на двете држави ќе се избришат само со решавање на овој спор. Решението е на врвот на јазикот на секој граѓанин на Република Грција и Република Македонија, на светот, името е неотуѓиво и неменливо по волја на друг. Името на една држава е име што извира и го создава народот што ја создал и живее во таа држава. Државата што ја создал македонскиот народ е Република Македонија. Никогаш македонскиот народ не може да ја нарекува својата држава поинаку од Република Македонија.
Тој никогаш не може да се согласи со промена на нешто што го носел со векови, а неговата држава го носи повеќе од педесет години (што не е случај со грчката северна провинција)?! Очигледно е дека главната цел е да се оневозможи употребата на терминот (придавката) ’македонски’ за сè што е во врска со нашиот идентитет и историја. Дали сме воопшто свесни каков културен и национален геноцид ни се сервира на еден прикриен и софистициран начин?!“, се вели во заклучокот на проектот и книгата чиј раководител и редактор е токму професорот Шкариќ.
За медиумите во април годинава професорот Шкариќ уште има изјавено и дека името што ќе се договори помеѓу Грција и Македонија може да биде за надворешна употреба, но не и ерга омнес за внатрешна.