Почнува „Букстар 2021“
Издавачката куќа „Антолог“, вечерва, во 20 часот, го отвора седмото издание на фестивалот на европската литература „Букстар“, кој ќе трае до 15 октомври. Под слоганот „Џенресис“, оваа година пред македонската публика ќе бидат претставени дури осум европски и еден домашен автор. Сите автори ќе бидат лично присутни во Скопје. Наградата „букстар 2021“ ќе му биде врачена на Миодраг Мајиќ од Србија, за книгата „Островот на пеликаните“, пред сè поради храброста да се пишува на теми актуелни не само за родната земја на авторот туку и за регионот во кој живееме, но и поради жанровската оригиналност, што е во духот и на годинашната фестивалска тема.
– Романот како предлошка има реален настан, кој не е ниту едноставен ниту лесен за доживување. Писателот Мајиќ (како застапник на судијата Мајиќ) успешно го става читателот во мрежата од која се излегува со едно прашање на ум: до каде е вистината? Оваа дилема е особено важна во општество што е како пресликано од нашето, со правосудство и медиумска јавност што секојдневно паѓаат и стануваат на тестот за стандарди во работата. Но романот не е директен одговор, туку една голема битка за вечната потрага по вистината – велат од „Антолог“.
Фестивалот почнува со поздравна реч на Џулијан Васало, заменик-амбасадор на Европската Унија во Македонија. Веднаш потоа ќе биде претставена и првата писателка, Катарина Винклер од Австрија. Ќе биде промовиран нејзиниот роман „Модар накит“, потресна приказна за семејното насилство базирана на вистински настани. Книгата ќе ја промовира Калиа Димитрова. Модераторка на настанот ќе биде Ана Василева. По неа ќе биде промовирана најновата книга „Виола арсеника“ на еден од најважните и најценети македонски автори, Влада Урошевиќ. Кратко претставување на делото и разговор со авторот ќе направи Владимир Мартиновски, а извадоци ќе читаат Ана Голејшка-Џикова и Иван Шопов. Овој настан се организира во соработка со МАНУ и издавачката куќа „Готен“, чие издание е делото.