На почетокот на неделава видовме дека Фејсбук не е непобедлив. Документите и сведоштвата од новиот укажувач ја „напукнаа“ компанијата одвнатре. А социјалната мрежа и нејзините „сестри“ Инстаграм и Вацап потоа не функционираа неколку часа, пишува Моли Робертс во нејзината колумна за „Вашингтон пост“
– Помрачувањето на Фејсбук нѐ стави во сценарио како од филм, во кој главното прашање беше, може ли да се замисли животот без Фејсбук?. Резултатот е очигледен. Социјалната мрежа е преплетена насекаде во нашите животи. Колку Фејсбук подолго беше недостапен, толку социјалната мрежа како да беше сеприсутна – пишува Робертс.
Инстаграм и Вацап исто така беа недостапни, бидејќи години наназад компанијата на Марк Закерберг инсистираше на неразделно спојување на услугите. Експертите веруваат дека ваквиот потег е осмислен за да ги спречи антимонополските дејствија кои би ја распаднале компанијата.
– Без разлика кој и да прашате, падот на трите социјални мрежи откри неколку можни вистини. Прво, „Фејсбук“ е премоќен, бидејќи ги „држи“ Инстаграм и Вацап. Второ, „Фејсбук“ е добар за општеството, бидејќи без него, и другиве две мрежи не постојат, и трето, Фејсбук воопшто не е моќна, бидејќи кога во понеделникот падна, цивилизацијата продолжи да си постои. Беше многу полесно да се помине попладнето и вечерта без овие социјални мрежи, отколку да се помине една ноќ без електрична енергија или вода – пишува Робертс.
Според неа, тензиите и проблемите од Фејсбук можеле да се забележат во земји каде што граѓаните навистина зависат исклучиво од Фејсбук, Инстаграм и Вацап, кои ги користат за комуникација и трговија. Фејсбук исчезна, а животот таму се влоши.
– Овој бесконечен круг на настани нѐ заробува, така што во секој аспект на борбата во минатото и иднината на компанијата има големо чувство на неизбежност. Сепак, сега ни стана очигледно дека Фејсбук не е Интернет, не треба да останеме засекогаш заробени. Начинот на кој ние постапуваме со оваа мрежа, сепак, зависи од нас самите. Да, сепак законодавците имаат одговорност да го регулираат Фејсбук, но успехот на социјалната мрежа зависи од нашата посветеност кон истата. Неделава бевме исклучени по потреба. Следната недела би можеле да се одјавиме по наш избор – заклучува Роберт во нејзината колумна.
Фејсбук е во состојба на вечна криза
Со години наназад, „Фејсбук“ се соочува со бранови од критики поврзани со постојаните проблеми кои произлегуваат од нејзините платформи, пишува Јатан Садовски за „Гардијан“.
– Постојаните масовни собирања на податоци на корисниците, нарушување на приватноста, како и неодамнешното „помрачување“ откако новиот укажувач откри голем број документи поврзани со самоволното постапување и желба за профит се најновиот бран во низата проблеми за „Фејсбук“ – пишува Садовски.
Според документите, вработените во „Фејсбук“ знаат како да ги направат платформите побезбедни, но не го прават тоа затоа што го ставаат својот профит пред доброто на корисниците. Ова е дополнителен доказ дека Фејсбук е социјално токсична платформа.
– Кога Фејсбук, Инстаграм и Вацап „паднаа“, поради технички проблеми, увидовме колку всушност сме станале зависни благодарение на услугите и придобивките во секојдневниот живот. Беше вистински шок кога тие наеднаш станаа недостапни за нас. Затоа, поради тоа колку нашето секојдневие е преплетено во социјалните мрежи, тоа ќе биде поттик за „Фејсбук“ никогаш да не престане да постои. Но, како што постојано и одново се потврдува, нивните интереси и нашите интереси ретко се усогласуваат. Затоа, треба да сфатиме и да ни биде јасно дека дозволувањето на ваква компанија да поседува и дизајнира критична инфраструктура без притоа да сноси последици е една од најлошите можни опции. Затоа, Закерберг мора да биде потсетен дека не е предоцна јавноста да го прекине овој социјален експеримент доколку тргна наопаку – смета Садовски.