Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како еден од показателите за тоа колку се нереални очекувањата на и од кандидатите за градоначалници и за советници се посочува фактот дека општините во земјава во моментов се задолжени за околу 61 милион евра, поради што десетина од нив се со блокирани сметки на подолг период, а заедничкиот долг на општините, јавните установи и јавните претпријатија во нивна надлежност изнесува над 120 милиони евра

ПРЕДИМЕНЗИОНИРАНИТЕ ОЧЕКУВАЊА
НА И ОД КАНДИДАТИТЕ И ОГРАНИЧЕНИТЕ
МОЖНОСТИ НА ЛОКАЛНИТЕ САМОУПРАВИ

Темите на кои се базираат кампањите за претстојните локални избори најчесто имаат многу малку или немаат никаква врска со законски пропишаните надлежности на градоначалниците и на советниците, реалната финансиска, кадровска и секаква друга моќ на општините, а речиси воопшто не ја следат суштината на локалната демократија. Тоа е она што би можело да се извлече како заедничка констатација на експертите за локална самоуправа и на тие што досега ја практикуваа, поранешните и сѐ уште актуелните градоначалници, откога измина првата недела од кампањата за изборите што во 80 општини и во градот Скопје треба да се одржат на 17-ти овој месец.
– На сите проблеми што во делот на локалната самоуправа ги имаме и настрана од тоа што повеќето од кандидатите ги започнаа своите кампањи предвреме, ние, еве, веќе една недела, сме сведоци на тотално нереални ветувања не само од кандидатите туку и од нивните партиски челници, па и од претставниците на извршната власт, кога станува збор за партиите што се вклучени во владината коалиција на централното ниво, што апсолутно е недозволиво – констатира експертката за локална самоуправа Гордана Сиљановска Давкова.
На локалните избори, како што објасни Сиљановска Давкова, како прво, треба да се отвори пат за решавање на локалните прашања, а како да се очекува тоа, кога во прв план се истакнати партиските лидери и членовите на извршната власт, кои зборуваат за теми што би биле посоодветни за парламентарни избори.

– Сѐ додека локалните избори не им се отстапат на кандидатите за градоначалници и за советници, ние не можеме да имаме некакви очекувања ниту во однос на реализацијата на проектите од предизборните програми, ниту во однос на спроведувањето фер избори – потенцира таа.
Настрана многубројните неусогласености помеѓу дадените ветувања и реалните законски и секакви други можности на кандидатите, за кои и Сиљановска Давкова потврди дека ги регистрирала, многу поголем и, според неа, клучен проблем во оваа кампања, како никогаш претходно, стана видливото непочитување на принципот на вертикална поделба на власта, на централна и на локална.
– И ако во текот на кампањава нема владеењето на правото, не се почитува поделбата на власта, што да очекуваме од истите тие луѓе откога ќе заседнат на функциите – прашува Сиљановска Давкова.
Не помалку сложен е проблемот и на практично ниво, барем според тие што досега морале да балансираат помеѓу, од страна на партиските пиар-служби, предизборно предимензионираните најави и реалните можности што еден градоначалник може да ги има врз основа на конкретните законски надлежности и на општиот амбиент не само во конкретната општина туку и во целата држава.

Токму затоа, како значителен исчекор во практикувањето на градоначалничката функција треба да се посочи примерот на актуелниот прв човек на Велес, Аце Коцевски, кој реши да не се кандидира на овие избори, но уште пред почетокот на тековната кампања јавно ги повика сите кандидати за градоначалник и за советници во тој град да појдат кај него во Општината за да им ги презентира нејзината реална финансиска состојба, буџетот, започнатите и проектите за кои веќе се преземени обврски, кадровскиот потенцијал…
– Им понудив на кандидатите, од прва рака, да се запознаат со реалната состојба, за потоа да знаат за што ќе зборуваат и што ќе ветуваат, бидејќи јас лично бев жртва на тоа што немав увид во финансиската и секаква друга кондиција на општината, а колку што гледам, добар дел од нив не ги знае ниту законските надлежности на општините – раскажува Коцевски.
Но проблемот, според него, е пред сѐ во пиар-службите што ги осмислуваат кампањите.
– Концептите на кампањите ги прават како градоначалниците дека ќе бидат семоќни, што воопшто не е така, бидејќи за сите нивни одлуки се неопходни потврди од советите, а со сегашниот број на партиските и на независните листи, многу е извесно дека ќе има голема фрагментираност во советите, што значи дека одлуките уште потешко ќе се донесуваат. Така, мојот впечаток е дека кандидатите имаат претеран пиар во однос на вистинската моќ, улогата и можностите на градоначалниците и на советите – заклучува актуелниот градоначалник на Велес.
Како еден од показателите за тоа колку се нереални очекувањата на и од кандидатите за градоначалници и за советници се посочува фактот дека општините во земјава, во моментов, се задолжени за околу 61 милион евра, поради што десетина од нив се со блокирани сметки на подолг период, а заедничкиот долг на единиците на локална самоуправа, јавните установи и јавните претпријатија во нивната надлежност изнесува над 120 милиони евра. Д.М.М.