Со согласност од родителите, учениците во основните училишта од прво до петто одделение, како и од шесто до деветто одделение и учениците од средните школи ќе бидат тестирани за присуство на вирусот ковид-19. Во методологијата се опфатени околу 8.200 деца, пропорционално дистрибуирани по општини според број на ученици, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Планирано е скрининот да трае 5 дена и дневно да се тестираат по околу 800 деца, во самите училишта кадешто мобилни екипи ќе одат на терен и ќе го вршат тестирањето за време на часовите.
– Учениците ќе се бираат по случаен избор од регистарот на Е дневник, а родителите ќе треба да потпишат согласност за учество на тестирање на децата. Доколку некој од родителите одбие, ќе има заменски примерок од каде ќе се избира следното дете за тестирање – рече министерот.
Децата од посебните училишта и училиштата каде просечниот број на ученици во одделение е помал од 10 деца ќе бидат исклучени од овој процес од причина што станува збор за помали рурални места каде учат многу мал процент од сите ученици и во места каде инциденцата на вирусот е многу ниска.