Минатата година, заедно со 2017-та, имало рекордно ниско пошумување во Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, лани била пошумена површина од само 569 хектари, а во 2017 г. – 553 хектари. Споредбено со овој период, пред десетина години годишно била пошумувана четири пати поголема површина, а пред неколку децении пошумувањето било дваесетина пати поголемо. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека ова е најлош резултат од 1964 година, кога биле пошумени 531 хектар. Рекордна година во изминатите шест децении била 1983-та, кога биле пошумени 11.328 хектари, додека во 1979-та била пошумена површина од 10.284 хектари

Уништувањето на шумите и натаму посилно од пошумувањето

Пожарите што пред извесно време опустошија голем дел од македонските шуми, меѓу другото, го актуализираа и проблемот со намалување на површините под шума како резултат на повеќе околности. Како што алармираат добрите познавачи на состојбите, македонските шуми поради природните непогоди, дивата сеча, но и поради пожарите што ја зафатија земјата изминативе години, остануваат без голем процент од дрвниот фонд. Ова е особено значајно затоа што негативниот ефект од штетите многу тешко се надоместува, или попрецизно кажано, државата не успева да ги пошуми нашите планини соодветно.
Доколку се анализира периодот на самостојноста на државата, а посебно минатата година, имало рекордно ниско пошумување во Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, лани била пошумена површина од само 569 хектари, а во 2017-та – 553 хектари. Споредбено со овој период, пред десетина години годишно била пошумувана четири пати поголема површина, а пред неколку децении пошумувањето било дваесетина пати поголемо.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека ова е најлош резултат од 1964 година, кога биле пошумени 531 хектар. Рекордна година во изминатите шест децении била 1983-та, кога биле пошумени 11.328 хектари, додека во 1979-та била пошумена површина од 10.284 хектари.
Оттаму информираат дека, сепак, досегашните акции за пошумување дале одреден резултат, само во изминатата деценија површината под шуми во Македонија била зголемена за над 80 илјади хектари, но тоа ни оддалеку не е доволно да се надоместат штетите. Наедно укажуваат дека обновувањето на шумите не е рамномерно распределено низ целата територија на државата. Најголемо зголемување на површината под шуми има во Пелагонискиот и во Источниот Регион. Послабо зголемување има во Југозападниот и во Североисточниот Регион, а стагнација, или благ раст има во Вардарскиот, Скопскиот и во Југоисточниот Регион, додека, пак, намалување на површината под шуми во Полошкиот Регион.
Универзитетскиот професор Александар Трендафилов од Шумарскиот факултет, во свој осврт на случувањата, вели дека доколку се разбере севкупното значење на нашите шуми за државата и народот, тогаш многу посериозно ќе се пристапи кон процесот за пошумување на државата.

Според професорот, најуспешни статистички години за пошумување на нашиот шумски фонд се оние во 60-тите и 70-тите години од минатиот век.
– Тогаш за разлика од сега, Македонија на овој проблем му пристапувала со огромна доза сериозност. Политиките за пошумувањето се носеле преку тогашниот парламент со широка дебата, а не како сега со решенија само на Владата – вели професорот.
Трендафилов истакнува дека сепак за поздравување се сите акции спроведени изминативе години за пошумување, како онаа со првиот ден на пролета и онаа со Денот на дрвото.
– Овие акции иако се добредојдени, тие секогаш не го даваа посакуваниот резултат кај нас во Македонија. Тоа е така бидејќи грижата за дрвјата откога ќе се засадат не прекинува тука. За нив треба да се грижиме додека тие да пораснат. По секое пошумување треба да се грижиме за младите посеви, да се прскаат за заштита од инсекти, да се потхрануваат со ѓубрива и да се заштитат да не се оштетат од диви и домашни животни и нормално од самите луѓе. Во овој процес е неопходна максимална професионалност, како на пример онаа што постои во европските држави. Таму кога се врши сеча на домашно дрво, како во Македонија при секоја грејна сезона, со закон се налага итно пошумување на истото место каде што е исечено дрвото и итна професионална негова грижа додека тоа да израсне. Сѐ додека работите не се постават на овој начин, Македонија мака ќе мачи со шумите, кои ни се единствен и најчист генератор на чист воздух за дишење, но и на ресурси за индустријата и материјали за греење на семејствата – заклучува професорот.
Директорката на „Национални шуми“, Јулијана Николова, вели дека нивна работа, освен пошумувањето, е со одгледни мерки да создадат услови за шумите природно да се обновуваат.
– Во природна обнова на шумите спаѓаат прореди, осветлување, затемнување итн. Ние всушност создаваме услови шумата сама од себе да се обновува. Кога шумата сама се обновува, многу е подобар квалитетот на таа шума. Нашите екипи ги овозможуваат сите услови за да може шумата природно да се обнови и во тој дел посветуваме многу големо внимание – вели Николова.

Упатените во оваа проблематика потсетуваат и на зборовите на премиерот Зоран Заев, кој зборувајќи на оваа тема за време на огнената стихија, кога летоска беснееја пожарите во Македонија, најави дека обновата на изгорените шуми ќе започне уште оваа есен. Укажуваат дека есента дојде и дека е време сите фактори да се вклучат во реализација на овој план. Секое новонасадено дрво е добредојдено, а секоја сериозна акција од поширок обем ќе има многукратен ефект.


Половина од домовите на граѓаните се затоплуваат на огревно дрво

Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека огревното дрво останува главниот енергент што граѓаните го користат за затоплување на нивните домови во грејната сезона.
Дури 49,18 отсто од домаќинствата во земјава ги затоплуваат домовите со огревно дрво или дрво од овошни насади, се наведува во публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата, 2019“, која деновиве ја објави ДЗС.
Споредбено со другите агрегати што Македонците ги користат за загревање на домовите во пресрет на грејната сезона, според ДЗС, на второ место е електричната енергија, која ја користеле 31,3 отсто од македонските домаќинства. На централно парно греење се затоплуваат 10,25 отсто од објектите за домување, додека дрвените брикети и пелети како енергент ги користат 8,49 отсто од домаќинствата во текот на зимските месеци.


Пожарите ги опустошија белите дробови на Македонија

Пожарите што пеплосаа неколку региони и уништија илјадници хектари шума, предизвикаа ненадоместлива штета за „Национални шуми“. Надлежните се постојано на терен. Вршат увид на опожарените места, се прават првичните процени и планови како да се санираат опустошените делови од огнената стихија.
Според „Македонски шуми“, поради пожарите што ги имавме во изминатите две години, штетата од нив се проценува дека изнесува околу 14 милиони евра, а за обнова на опожарената површина ќе бидат потребни 50 години.

[email protected]