Спортот не е само физичка активност, тој го промовира здравјето и помага да се спречат, па дури и да се излечат болестите на модерната цивилизација. Исто така, спортот е образовна алатка, која го поттикнува когнитивниот развој, учи на општествено однесување и помага да се интегрираат заедниците…

ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „ГРАДОТ НА АЛИ“ КАКО ПОВОД

Во документарниот филм „Градот на Али“ се говори за тоа како реагираше неговиот роден град Луивил во јуни 2016 година, кога тој почина и кога „светот застана“. Проекцијата на филмот беше повод и за панел-дискусијата во САД со истакнати спортисти, активисти, научници, филмски работници и владини претставници за улогата на спортот во промовирањето на мирот, еднаквоста и социјалните промени. Во Луивил постои Музеј и мултикултурен центар „Мухамед Али“, чија цел е да се одржи неговото наследство во живот и да ги едуцира луѓето за Али и за основните принципи според кои тој живеел: доверба, убедување, посветеност, почит, давање и духовност.
-Би сакал луѓето да го сакаат секого на начинот на кој ме сакаат мене. Тогаш светот би бил многу подобар – кажа во една пригода легендарниот боксер Мухамед Али, или Најголемиот, како што самиот се нарече и со што многумина се согласуваат.
Пристапот до документарниот филм, како и до панел-дискусијата, беше овозможен преку соработка со Амбасадата на САД во Македонија и Одделот за спортска дипломатија на Стејт департментот.

АЛИ ИМАШЕ ШТО ДА КАЖЕ НА РИНГОТ, НО И КАКО ЧОВЕК

Али како еден од луѓето од највисок профил што зборуваа против расната нееднаквост, останува симбол на отпор и сила за многумина во Луивил и пошироко. На сите им е познато дека боксерскиот шампион Али „леташе како пеперутка и боцкаше како пчела“, но имаше многу што да каже и како човек. Тој ги користеше зборовите еднакво ефикасно како и тупаниците, одбивајќи да биде замолчен од оние на кои не им се допаѓаше она што има да го каже.
-Татко ми се залагаше за вклучување, за расна еднаквост, за мир и за љубов. Мухамед не го промени своето убедување. Тој остана верен на тоа што е – вели Рашеда Али, неговата ќерка.
Во Луивил постои музеј и мултикултурен центар „Мухамед Али“, чија цел е да се одржи неговото наследство во живот и да ги едуцира луѓето за Али и за основните принципи според кои тој живеел: доверба, убедување, посветеност, почит, давање и духовност. За да му оддаде почит на годишнината од неговата смрт, центарот, кој исто така има удел во документарецот, организира „Фестивал Али“ во јуни, со секојдневни проекции на филмот „Градот на Али“.

СПОРТОТ НЕ Е САМО ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ

„Целта на Олимпизмот е да го стави спортот во служба на хармоничниот развој на човекот, за да промовира мирно општество загрижено за зачувување на човечкото достоинство“ се основните принципи на олимпизмот, на Олимписка повелба.
Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, редовно нагласува дека спортот не е само физичка активност, тој го промовира здравјето и помага да се спречат, па дури и да се излечат болестите на модерната цивилизација. Исто така, спортот е образовна алатка што го поттикнува когнитивниот развој, учи на општествено однесување и помага да се интегрираат заедниците.

СПОРТОТ ВО ПРОМОЦИЈА НА МИРОТ, ДЕМОКРАТИЈАТА, АНТИРАСИЗМОТ, РАЗБИРАЊЕТО

– Али е еден од оние спортисти што оставија траен печат на едно време. И додека беше активен спортист, Али имаше политичко ангажирање против расизмот во САД, а и по неговата спортска кариера тој беше гласник за мир на Обединетите нации. Али успеа да промовира своја духовна и животна филозофија насочена во контекст на мирот, и тоа не само во САД туку и на други континенти, иако веќе не е и единствен, оти денес има и други спортисти што го прават тоа. Спортот го задржа патот на промоција и придонес за развој на мирот, демократијата, антирасизмот, разбирањето, тоа што го прават ФИФА и УЕФА со преземање такви политички мерки во фудбалот. Спортот може да се искористи многу во борбата против сиромаштијата, а Али го правеше тоа додека беше жив, а притоа примени одреден стил на етничка толеранција. И денес гледаме дека и други познати фудбалски имиња го прават тоа, пред сѐ во своите држави. За жал, кај нас нема многу вакви акции со кои преку спортот ќе се промовираат мирот, еднаквоста и социјалните промени. Но, секако, ова претставува добра основа, на која во иднина треба да ѝ се даде поголемо внимание. Сепак, сѐ зависи како и колку ќе го спроведеме тоа кај нас, оти спортот е еден вид рефлексија на нашето битие и затоа тој треба да се насочи кон позитивни активности. Кога има некои големи меѓународни првенства, сведоци сме како македонскиот народ е единствен, обединет, навива за својата репрезентација или клуб, а заборава на секојдневната политика, сиромаштијата и слично. Токму во таа насока сметам дека Македонскиот олимписки комитет (МОК) треба да има водечка улога. Тој преку духот на олимпизмот треба да биде двигател, кој ќе ги собира познатите македонски поранешни и сегашни спортски асови, кои, пак, преку јавни дебати ќе придонесуваат за поголема толеранција и разбирање во спортот и надвор од него. МОК како врвна спортска институција треба да се залага за поттик на спортско-хуманитарен активизам, а и да биде присутен и во школите – вели Константин Миновски, професор по социологија на спортот на Институтот за социологија на Филолошкиот факултет во Скопје. Л.Д.; Г.И.


„Градот на Али“

„Градот на Али“ е поделен во неколку поглавја, или „рунди“. Првата прави вовед во животот на Али, иако го документира денот кога починал. Има монтажа на вести од целиот свет на 3 јуни 2016 година, што покажува колку беше славен боксерот. Во вестите се спомнуваат Паркинсоновата болест, која го мачеше 30 години, времето како трикратен шампион во тешка категорија и неговото неприфаќање и противење на војната во Виетнам, одлука што ќе го чини неколку години од кариерата. Секој од овие детали се обликува во следните „рунди“, обезбедувајќи ги сите потребни информации за неговиот живот и кариера. Режисерот на филмот, Греам Шелби, се фокусира на односот на Али со родниот град Луивил.
– Отсекогаш знаевме дека тој му припаѓа на светот. Но тој имаше само еден роден град. Ние сме горди на него, на сѐ што стори како спортист, како активист за човековите права, за луѓето воопшто. Неверојатна, неповторлива личност – вели градоначалникот на Луивил, Грег Фишер.
Враќајќи се со освоениот златен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Рим во 1960 година, тој се соочил со непочитување и со расизам. Постои и легенда за Али дека бил толку лут, што го фрлил медалот во реката Охајо, која не е точна. Но, како што забележува историчарот, сентиментот ја прави таа легенда вредна за спомнување. Од неговата смрт на 3 јуни 2016 година, па до погребот една недела подоцна, Блуграс, заедницата што го воспита, заедно со посетителите што дојдоа од целиот свет, му оддадоа последна почест на Најголемиот. Таа недела е во фокусот на филмот и го покажува начинот на кој се соедини родниот град на Али за време на неговата смрт.
Ваквите приказни имаат цел да ја хуманизираат легендата, спуштајќи ја на земја, за нас обичните смртници. Можеби тој беше поголем од животот, но длабоко во себе, Мухамед Али остана момчето што едноставно сакаше да го направи горд својот роден град. Во филмот учествува неговото семејство, некои од децата, како и сопругата Лони Али. „Градот на Али“ претставува исклучителен преглед на неговата кариера и ги нагласува приказните од Луивил (за тоа како градскиот полицаец Џое Мартин го охрабрува Али, тогаш со име Касиус Клеј, да се занимава со бокс, на пример).
-Тој секогаш беше возбуден кога се враќаше во Луивил за да ги види своите луѓе, затоа што сѐ почна оттаму. Тој го сакаше Луивил, а Луивил го сакаше него. Имаме обврска како народ да го продолжиме неговото наследство затоа што сакаме жртвите што ги направи да не бидат залудни – се потсетува неговата ќерка Рашеда Али, која постапките на нејзиниот татко ги гледа во сѐ.  Л.Д.; Г.И.