Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кај жените Адријана Поп Арсова го подобри стариот рекорд за повеќе од 12 минути, а кај мажите Дарио Ивановски го собори рекордот стар 21 година

АТЛЕТИКА – СЕ ОДРЖА 17. СКОПСКИ МАРАТОН

Ден за паметење за македонската атлетика. Прва т.н. еден-два победа на македонски атлетичари маратонци, со два нови државни рекорда на 17. Скопски маратон, кој вчера по прекрасно време се одржа низ улиците на главниот град на Македонија.
Во женска конкуренција победи актуелната државна рекордерка на пет и на 10 км, во полумаратон и во маратон, Адријана Поп Арсова, со време од 2:40,36 часа, подобро за дванаесетина секунди од нејзиниот поранешен рекорд, 2:52,52 часа, истрчан пред две години во Скопје. Кај мажите доминираше Дарио Ивановски, кој го трчаше вториот маратон во кариерата, по оној лани во Скопје (2:31,16 часа), и го одржа ветувањето дека ќе постави нов рекорд, 2:21,27 часа. Со тоа падна 21 година стариот национален рекорд на Трпе Мартиновски од 2:25,06 часа, поставен во 2000 година во Нови Сад, Србија.
– Трката помина одлично, над сите мои очекувањата, немав никаква криза што вообичаено се јавува на вакви напорни трки. Во вториот дел од патеката дури бев и побрза и го забрзав темпото и истрчав подобро од планираното. Временските услови беа како што може да се посака, имавме поддршка на улиците, што е битен фактор во маратонот. Целта е постигната, пресреќна сум, среќна сум и поради рекордот на Дарио, што победија двајца маратонци од Македонија, тоа е одлично за сите нас, да сфатиме дека вредиме и оти можеме многу. Сега ќе следува мала пауза, потоа повторно тренинзи, главно за подобрување на брзината, кросеви, за понатаму ќе видиме – изјави Поп Арсова.
Ивановски зад себе има сезона како што само може да се посака. Постави дури девет национални рекорди во шест различни дисциплини, на отворено и во сала, од 1.500 метри, потоа на три, пет и на 10 км, полумаратон и сега во маратон.

– Прекрасно се чувствувам, пресреќен сум, победив со време на нов државен рекорд пред домашната публика. За малку не истрчав под 2,20 часа како што ветив, но тоа се должи на малата повреда на десната нога, почувствував болки и грчеви уште во почетокот, мускулите ми беа стегнати, но тоа не ме поколеба, не мислев на болките и продолжив да трчам. Пред финишот, некаде на 36-от километар повторно се јавија големи грчеви, но продолжив да трчам и на целта да поминам со време на нов македонски рекорд. Следна поголема цел ми е да победам на крос-кантри трката на Балканијадата и да бидам еден од ретките од овие простори што освојувал медал во една сезона и да изборам норма за настап на Светското првенство во Белград, во сала, во март 2022-та – вели Ивановски, додавајќи оти маратони ќе трча само во Скопје.
На полумаратонската трка, кај жените, победи Милијана Ристиќ од Македонија (1:26,09 час), а кај мажите Бугаринот Митко Ценов (1:09,10).


Синадиновски: Масовно и квалитетно

Задоволен сум, сѐ помина без проблеми, со почитување на сите пропишани мерки. Имаше масовност, имавме преубаво време, имаше квалитетни тркачи, иако изостанаа некои позвучни елитни имиња од странство, на кои се навикнавме минатите години на маратонот, но сега се некои други времиња. Пресреќен сум што македонските маратонци, пред сите најдобрите, Адријана Поп Арсова и Дарио Ивановски, ја искористија својата шанса и на трката, која е државно првенство, поставија нови рекорди. Следната година маратонот повторно ќе се трча во истиот термин, во почетокот на октомври, за потоа ќе видиме, јас само посакувам да се стабилизира ситуацијата со коронавирусот, вели директорот на трката, Кире Синадиновски.


И „Нова Македонија“ беше дел од големиот настан

Спортската чест на Редакцијата на весникот „Нова Македонија“, кој е медиумски покровител на Скопскиот маратон, годинава ја бранеа новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски.
– Шести пат трчав на полумаратонската трка и успеав да направам најдобар личен резултат досега, 1,56 часа. Условите за трчање беа совршени, идеален ден за соборување лични рекорди. Оваа есенска скопска трка мислам дека го извади најдоброто од сите, а организаторите и овој пат најпрофесионално одговорија од секој аспект. Сѐ се одвиваше со супер динамика, трката еволуира во секоја смисла. Скопскиот маратон, пред сѐ, е една масовна забава. Пресреќна сум што уживав и што лесно ја поминав патеката – вели Јачевска.
Цветаноски има двојно поголем стаж од Јачевска, 12-ти пат учествуваше на трката на 21 километар на Скопскиот маратон.
– Одлично се чувствував во поголемиот дел од трката, километрите брзо поминуваа. На крајот чувство на исполнетост и ослободеност од грижи, речиси без мисли. Секако многу трансформирачки, што резултира со добро време за мене од 1,40 часа. Инаку, како ретко кога условите за трчање беа идеални. Одлична организација, имаше некаков дух на заедништво меѓу тркачите. А, секако, имавме и голема поддршка од вистинските љубители на трчањето – рече Цветаноски.


СКОПСКИ МАРАТОН 2021, ПОБЕДНИЦИ

Мажи
Дарио Ивановски (Македонија) 2,21,12 ч.
Младен Стевановиќ (БиХ) 2:34,54 ч.
Давид Перлих (Германија) 2:38,26 ч.

Жени
Адријана Поп Арсова (Македонија) 2:40,36 ч.
Силвија Паредес (Еквадор) 2:43,43 ч.
Билјана Кираџиева (Македонија) 2:55,25 ч.