Инспекцијата на ФИФА беше во Атланта, а во трка се и Бостон, Нешвил, Орландо, Вашингтон, Балтимор, Њујорк, Филаделфија, Мајами, Лос Анџелес, Сан Франциско, Сиетл, Денвер, Канзас, Хјустон, Далас и Синсинати. СП 2026, прво со 48 репрезентации, ќе се игра и во Мексико и во Канада

ФУДБАЛ

По затишјето поради пандемијата на коронавирусот, повторно се интензивира трката меѓу 17 американски града за домаќини на натпреварите на Светското првенство (СП) во 2026 година во фудбал. Двајца инспектори на Светската фудбалска федерација (ФИФА), потпретседателот Виктор Монталјани, кој ја предводи и Конфедерацијата на Северна Америка (КОНКАКАФ), и Колин Смит, главниот шеф на ФИФА за турнирот, веќе беа во Атланта за да го разгледаат стадионот, со капацитет од 72.000 седишта.
Атланта полага големи надежи во стадионот, кој е со подвижен покрив, отворен во 2017 година, како и на богатата историја на организирање врвни спортски настани, како што се Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1996 година и Супербоулот, за добивање на организацијата на веројатно најголемиот светски спортски спектакл.

Монталјани и Смит веќе ги посетија Бостон и Нешвил, а во текот на неделава планираат да бидат во Орландо, Вашингтон, Балтимор, Њујорк, Филаделфија и во Мајами. Во следните два месеца ФИФА ќе ги посети и преостанатите градови-кандидати за домаќини на СП 2026 во САД, Лос Анџелес, Сан Франциско, Сиетл, Денвер, Канзас Сити, Хјустон, Далас и Синсинати. Одлуката за тоа кои градови ќе бидат домаќини ќе биде донесена во почетокот од 2022 година. САД ги добија правата за домаќинство заедно со Мексико и со Канада на она што ќе биде прво СП во три земји. Мексико се реши за Мексико Сити, Монтереј и за Гвадалахара и очекува тие да бидат потврдени. И Канада имаше три града, но Монтреал неодамна се откажа, па во комбинација се Торонто и Едмонтон. Уште не е познато колку градови во САД ќе бидат домаќини. Општиот консензус беше десет, пред да се повлече Монтреал, што може да значи дека е можно да има и 11-ти град.
– Никогаш не беше предвидено точно по колку града ќе има од секоја земја. Ние треба да ја донесеме најдобрата одлука за самото СП, без оглед на бројките – изјави Монталјани.