Темата за употребата и развојот на нуклеарното оружје на Блискиот Исток не е нова, но таа доби динамика изминатиот период, откако во светската, но во и домашната јавност преку „Нова Македонија“ видни ирански, но и израелски високи државници дадоа увид во тоа како стојат состојбите на терен, колку регионот е блиску или далеку од развојот на атомски бомби и оружја

Опасноста од нуклеарна војна од ден на ден добива динамика на Блискиот Исток. Овие тврдења добиваат алармантна динамика оваа недела, особено откога Израел информира дека многу скоро Исламска Република Иран ќе биде во состојба да произведе атомска бомба. Според изјавата на израелскиот министер за одбрана Бени Ганц, Израелците веруваат дека во рок од два до три месеци Техеран ќе ги има сите потребни материјали и околности да произведува атомско оружје. Во интервју за влијателниот неделник „Форин полиси“, израелскиот државник подвлекува дека новата влада на неговата земја, која ја смени претходната на Бенјамин Нетанјаху поради нејзината агресивност во политиките, сега е подготвена да го промени тврдиот став кон меѓународните преговори за иранското нуклеарно оружје. Меѓународниот процес што се води под закрила на Вашингтон и се одржува во Виена може да добие позитивен импулс, во кој Израел би се вратил на преговарачка маса со Иран.
Во меѓувреме, на оваа тема медиумите информираат и дека властите во Израел вршат притисоци врз Вашингтон да го убеди Техеран да има поблаги позиции за да не се употреби „демонстрација на моќ“ во случај преговорите да бидат неуспешни. Министерот на Израел, Ганц, информира дека Тел Авив е подготвен во практика да види и прифати „одржлив план Б“ за нуклеарната програма на Иран, кој би бил надгледуван од САД. Дополнително, според зборовите на министерот Ганц, Израел размислува и за „план Ц“, кој вклучува и воена акција за решавање на состојбите.
За работите да бидат покомплицирани, во изјава за новинарите министерот Ганц рекол дека негативно влијае и неодамнешното американско повлекување од Авганистан, кое создава клима на посилни позиции на Иран во регионот.

– Техеран во овие моменти не би требало да заклучи дека од овие состојби може да извлече подобра позиција само ако остане „цврст и одлучен“ дека Западот ќе се предаде – вели министерот Ганц. Во контекст на актуелните случувања, за потсетување се информациите што велат дека договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година, кој е потпишан меѓу Иран и шесте држави (САД, Русија, Кина, В. Британија, Германија и Франција), резултира со укинување на санкциите на властите во Техеран, во замена за ограничување на иранскиот нуклеарен развој. Од друга страна, три години подоцна во 2018 година, поранешниот американски претседател Доналд Трамп еднострано одлучи да се повлече од овој меѓународен договор и да воведе нови и построги санкции против Иран.
Како одговор на овие случувања, Техеран веднаш реагираше и најави постепено намалување на своите обврски кон меѓународниот договор, кој го ограничуваат во дејствијата за истражување и развој на збогатен ураниум. Оттогаш, па досега во тек се нови преговори за враќање на преговарачката маса на сите засегнати страни и за намалување на американските санкции врз Иран. Паралелно на ова, новата иранска влада формирана по инаугурацијата на новиот претседател Ибрахим Реиси соопшти дека е согласна да ги продолжи преговорите во Виена околу нуклеарната програма на земјата.
Во меѓувреме, коментирајќи ги актуелните светски случувања, чешкиот универзитетски професор Михаел Вит, кој е експерт за меѓународна политика, за „Нова Македонија“ вели дека во овој момент сите сценарија се отворени за т.н. нуклеарни игри што се играат на Блискиот Исток.
– Верувам дека главната палка за успешно и мирно решавање на затегнатите иранско-израелски нуклеарни закани лежи во рацете на американскиот претседател Џо Бајден. За разлика од неговиот претходник, Бајден е многу поискусен дипломат, кој нема ригиден и тврд став, особено по прашање повзани со нуклеарното оружје. Дополнително, дипломатијата на „мека моќ“ на Бајден навлегува и низ редовите на владејачките гарнитури на Израел и на Иран. Во сето кажано, јас се надевам дека во скора иднина ние ќе имаме можност да видиме мирно решавање на проблемот со што ниту Иран ниту Израел нема да бидат задоволни – вели професорот Вит.


Иран збогатува ураниум, но за мирољубиви и цивилни цели

Во ексклузивно интервју за „Нова Македонија“, неодамна амбасадорот на Иран, Сејјид Мохаммад Јавад Расули, кој е лоциран во Софија, но е акредитиран и во Македонија, на оваа тема информира дека Иран навистина ја развива својата нуклеарна програма, но само во мирољубиви и цивилни цели. Расули истакнува дека сите програми и нуклеарни активности на неговата држава се во целосна согласност со програма НПТ и со обврските на Иран за заштита на протоколот „ИАЕА Сафегуардс“, а сето тоа истовремено се одвива со претходна најава и под надзор на Меѓународна агенција за атомска енергија (МААЕ).
– И редуктивните и компензаторски мерки на Иран во врска со Нуклеарниот договор се во склоп на самиот договор и како што е објавено неколкупати, тие мерки се преземени како одговор на наглото прекршување на договорот и резолуцијата 2231 од страна на САД и нецелосното почитување на обврските од договорот на другите страни, особено трите европски земји – вели амбасадорот.