Процени на американското разузнавање

Американските разузнавачки службеници информираат дека Ал каеда може да стане закана за Авганистан за една или две години, со што повторно ги нагласија предупредувањата упатени пред повлекувањето на САД од државата, дека безбедносната состојба во земјата е критична. Генерал-потполковник Скот Бериер, кој ја предводи одбранбената разузнавачка агенција, ја процени таа временска рамка оваа недела додека се обраќаше на Самитот за разузнавање и национална безбедност. Дејвид Коен, заменик-директорот на Централната разузнавачка агенција, истакна дека САД веќе откриле „некои индиции за можно преместување на Ал каеда во Авганистан“. Инаку, безбедносните експерти веќе долго време велат дека талибанците продолжуваат да ги одржуваат врските со Ал каеда, која имаше засолниште во Авганистан пред да се случат терористичките напади на 11 септември, 2001 година.