Во Струга заврши 2. меѓународен шаховски турнир за млади шахисти „Езерска Кралица 2021“. Се играаа три турнири во три возрасни категории и еден турнир во забрзан шах, сите во седум натпреварувачки кола.

На А-турнирот (за шахисти/ки родени 2003 и помлади), победи Стојан Велкоски (1.825 рејтинг-поени) од Алкалоид, пред Леонид Петрески (1.811) од Гамбит Асеко СЕЕ и Кленди Зенели (1.645) од Албанија. Сите имаа по 5,5 поени, но Велковски најдобар дополнителен критериум. Настапија 19 шахист/ки (15 од Македонија, двајца од Албанија и двајца од Косово).

На Б-турнирот (за шахисти/ки родени 2007 и помлади), најдобар беше Георг Фармакоски (1.499) од Алкалоид со 7 поени, втор заврши Никола Петровски (1.076) од МШК Центар со 6 поени, а трет Стефан Матески (1.120) од клубот Ласкер со 5 поени. Играа 26 шахисти/ки (21 од Македонија, 1 од Албанија, 4 од Косово).

На Ц-турнирот (за шахисти/ки родени 2011 и помлади), триумфираше Русинот Тимур Афанасиев со 6,5 поени, пред Никола Јаневски со 5 и Павел Крстевски со 4,5 поени и двајцата од Гамбит Асекко СЕЕ. Настапија 15 шахисти/ки (7 од Македонија, 5 од Албанија, 2 од Русија, 1 од Косово).

На турнирот со забрзано темпо (10 минути плус три секунди по играч), најдобар беше Андреи Калин (1.433) со 6 поени од клубот МШК Центар, пред Леонид Петрески и Стојан Велкоски и двајцата со по 5,5 поени. Учествуваа вкупно 38 млади шахисти/ки (25 од Македонија, 4 од Албанија), 7 од Косово, 2 од Русија).

Лани поради ковид-19 турнирот не се одржа, а годинава предизвика голем интерес.
– Турнирот помина во најдобар ред и беше одлично организиран. Се играше во Конгресната сала на х. „Дрим“, каде од сабота ќе настапат и женските сениорски екипи на Европскиот клупски куп (ЕКК). Идната година планираме да има плус еден екипен меѓународен младински турнир, а во иднина сегашниов турнир да прерасне во најголем младински турнир во Југоисточна Европа – ни изјави директорот на турнирот, Ѓоко Котески.

Г.И.