Ова е историски момент кој е поголем од секој од нас, од нашите партии или кавги или лични интереси. Да ги оставиме различните убедувања и интереси за момент зад нас и да ја видиме светлината на Европа која не повикува, порача вечерва премиерот Зоран Заев на централната прослава по повод Денот на независноста и повика секој граѓанин да гласа на референдумот за да донесе одлука за, како што рече, нашата втора независност.
Тој на граѓаните им го честиташе Денот на независноста и потсети дека токму тие на 8 септември 1991 година ја донесоа историската одлука и гласаа за независност и суверенитет.
– Сега имаме можност како никогаш досега да излеземе гордо и да одлучиме за нашето место во братството на европските народи во Европската унија и да застанеме рамо до рамо рамноправни со најсилните земји на светот, членки на НАТО, истакна Заев.
Премиерот ги повика младите да се вклучат во историската одлука која, како што рече, ќе го зацрта животниот пат на секој од нив.
– Бидете будни и гласни. Преземете конретен чекор на 30 септември. Вие одлучувате, за вас, за вашата иднина. Тој е изборот напред или назад. Светлина или темнина. Иднина или изолација. Семејство или осаменост, рече Заев и порача дека ова е уникатна шанса, еднаш на 30 години да ја земат судбината на Македонија во свои раце и да го исцртаат патот кон успехот преку гласот за референдумот.
Нагласи дека секој глас е важен и потребен и дека за тоа треба да се зборува, да се поттикнува и да се мотивира.
– Кажете им на своите блиски, на другарите, на родителите, на бабите и дедовците дека ова е ваше време и дека треба да станат и да излезат за вас, за вашата иднина и за иднината на европска Македонија, истакна Заев.
Во својот говор премиерот се осврна и на придобивките од Договорот со Грција за кој нагласи дека го потврдуваат македонскиот јазик, дека граѓаните на оваа земја се Македонци и Македонки и дека македонската националност е признаена и потврдена за, како што рече, век и векови.
Заев се заблагодари на сите граѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници што во овие моменти покажуваат другарско и братско разбирање и што даваат силна поддршка на своите сограѓани Македонци.
– За три недели, вашата татковина ќе ве повика да ја преземете најблагородната и најсвечена патриотска должност во една демократија – да излезете на гласање и да го дадете вашиот глас, порача Заев.
Обраќајќи им се сите пензионери, вработени, студенти, рече дека нивните прашања за подобар живот, стандард и подобро школување, треба да се одговорат на 30 септември и дека токму тие прашања бараат патриотски одговор.
– Патриотите преземаат акција. Како и на 8 септември 1991 година, кога земјата и иднината повикаа на акција – на ист начин, референдумот на 30-ти септември е нашиот повик за акција и наша патриотска должност. Вистински патриот го почитува минатото на својата земја, но неговиот поглед е фокусиран во иднината, додаде Заев.
Во празнична атмосфера пред платото на Владата неколку илјади граѓани присуствуваат на централната манифестација по повод одбелележувањето на 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.
Прославата почна со забавна програма за најмладите кои ги има во голем број во присуство на нивните родители, баби и дедовци, а продолжи со забавно-музичкиот дел за возрасните.
Програмата под отворено небо продолжи со музиката на оркестарот на Македонската филхармонија заедно со Тамара и Тијана кои ги изведоа најубавите македонски евегрини.