Фото: Игор Бансколиев

Светското првенство е огромен глобален настан, како и олимписките игри, и е толку гледано и очекувано токму затоа што се игра на секои четири години. Ние како УЕФА може да одлучиме да не учествуваме во еден таков проект, вели Чеферин, претседателот на УЕФА, по идејата за играње СП на секои две години. Двократниот светски првак, Бразилецот Роналдо од техничката советодавна група на ФИФА, вели: „Сегашниот календар, што се однесува до СП, беше замислен пред речиси 100 години, а светот оттогаш целосно се промени. Верувам дека дојде моментот да се развиваме со новите генерации, со брзите информации. Сите овие промени се за играчите да имаат помалку патувања и гледачите да уживаат повеќе и во подобар фудбал“

ФУДБАЛ

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, најави потенцијален европски бојкот на светските првенства по идејата тие да се играат на секои две години, откако Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги разгледува опциите за реорганизација на меѓународниот календар, пренесе британски „Тајмс“.
– Ние како УЕФА може да одлучиме да не учествуваме во еден таков проект. Колку што знам, и Јужноамериканците го мислат истото тоа, затоа со среќа со таков мундијал. Светското првенство (СП) е огромен глобален настан, како и олимписките игри, и е толку гледано и очекувано токму затоа што се игра на секои четири години. Играњето голем турнир секое лето ќе ги „убива“ играчите. Покрај тоа, СП за мажи би се совпаднало со СП за жени и со олимписките игри. Не гледам како фудбалските федерации во рамките на УЕФА би ја поддржале таквата идеја. Освен тоа, никој не ми се јави, не ме праша, ниту добив порака. Само прочитав во медиумите – изјави, меѓу другото, Чеферин во интервјуто за „Тајмс“.
На новинарското прашање дали би сакал европските првенства да се играат на секои две години, Чеферин рече: „Финансиски тоа би било добро за УЕФА, но ќе го убие фудбалот. Ние и вака ги ‘убиваме’ играчите и не гледам како клубовите ќе им дозволат на своите играчи“.

РОНАЛДО: ОПТИМИСТ СУМ

Фудбалски ѕвезди и многумина други формираа техничка советодавна група на ФИФА за фудбалот за мажи за да ги дадат својот увид и искуства за предизвиците презентирани од тековната организација на календарот.
– Оптимист сум за промените и не се сомневам дека светските првенства ќе продолжат да бидат најпрестижниот настан на планетата. Сегашниот календар, што се однесува до светските првенства, беше замислен пред речиси 100 години, а светот оттогаш целосно се промени. Верувам дека дојде моментот да се развиваме со новите генерации, со брзите информации. Ова е многу важно за нас и јас верувам во тоа. Светското првенство во Русија (во 2018 година) беше неверојатно, неверојатни натпревари, одличен спектакл. Надвор од теренот сѐ функционираше совршено. Навистина ни недостига тоа, и четири години се премногу долг период. Мислам дека многу земји би биле за оваа идеја, бидејќи ќе има зголемување на нивните можности за учество на СП. Мислам дека сме на вистинскиот пат, пораката е многу позитивна. Сите овие промени се за играчите да имаат помалку патувања и гледачите да уживаат повеќе и во подобар фудбал – рече двократниот светски првак, Бразилецот Роналдо, пренесе ФИФА.

ДЕБАТАТА ЌЕ СЕ ПРОШИРИ УШТЕ ПОВЕЌЕ

Арсен Венгер, поранешниот менаџер на англискиот Арсенал, кој е шеф за глобален развој на ФИФА, постави револуционерен план за нов календар.
– Сметам дека ваквата замисла на ФИФА за систем на натпреварување на СП на секои две години не е добра, оти и клубовите и фудбалерите ќе бидат многу оптоварени. Едноставно, календарот на играње ќе биде премногу згуснат, а играчите, сепак, не се роботи сето тоа да го издржат со исто темпо. Да не заборавиме дека претходно треба да се играат и квалификации за пласман на СП, а има и клупски натпреварувања, така што сето тоа е и премногу фудбал. Јас сум за сегашниот календар на одржување на СП, а тоа е на секои четири години – вели поранешниот долгогодишен фудбалер на Вардар, а сега фудбалски стручњак Кочо Димитровски.
Опсежниот процес на консултации, предводен од Венгер, е по барањето на 166 асоцијации членки на ФИФА да се прегледа постојниот календар и да предложи опции за негова оптимизација.
– Го следам сето тоа и сметам дека оваа дебата, која сега е актуелна, ќе се прошири уште повеќе. Сепак, пред да се донесе конечната одлука, треба добро да се анализира сево ова од многу аспекти. Сметам дека една ваква традиција, која постои веќе 100 години, за одеднаш да биде радикално сменета, би требало да се има многу голема основа. Според мене, досегашниот систем на одржување на европските и на светските првенства е добар. Не верувам дека УЕФА ќе го прифати ова, па и европските клубови, кои имаат и најмногу застапени фудбалери на СП, оти имаат и абнормално многу натпревари во Европа. Една година да има ЕП, а веќе следната СП и така во континуитет, е навистина преоптоварување и затоа сум за стариот начин на натпреварување, односно на секои четири години. Точно дека фудбалот е најпопуларен и најкомерцијален спорт, но, сепак, сметам дека треба и да се остави простор за да не се изгуби привлечноста на фудбалот со еден ваков распоред на натпреварување – вели фудбалскиот стручњак Ѓоре Јовановски. Та.Д.; Г.И.