Според Институтот за политички студии од Вашингтон, трошоците за воените операции што започнаа од 11 септември 2001 година, а траеја досега, ги чинеле САД неверојатни 21 илјада милијарди долари. Според заклучоците на нивната анализа, доколку парите што ги потрошиле САД за војната во Авганистан се употребат за домашни цели, тие би можеле да решат серија суштински предизвици што се актуелни во Америка
Зошто треба радикално да се скратат воените буџети
Војната против тероризмот во Авганистан, која траеше две декади, однесе илјадници животи. Но во исто време таа зад себе остави огромна материјална штета и направени трошоци, кои наместо во деструктивни, би можело да бидат искористени во многу покорисни, конструктивни цели.
Некои држави сѐ уште ги сметаат воените
интервенции за замаец за индустријата
Американскиот магазин „Њузвик“ информира за два извештаи во врска со тоа колку ги чинел Американците дваесетгодишниот воен конфликт во Авганистан. Имено, според изнесените податоци, се дознава дека трошоците за воените операции што започнаа од 11 септември 2001 година, а траеја досега, ги чинеле САД неверојатни 21 илјада милијарди долари.
Според информациите во извештајот на „Национални приоритети“ – од Институт за политички студии од Вашингтон, во склоп на воените трошоци на Америка за Авганистан влегуваат и 16 илјади милијарди долари пари наменети за севкупните трошоци на Пентагон, пензиски армиски бенефиции на САД, нуклеарната програми, странската одбранбена помош и трошоците за разузнавањето.
Според истоимениот извештај, листата на трошења за споменатата војна е поголема и од финансиите издвоени за програмите за ветераните во висина од три илјади милијарди долари, потоа од парите наменети за американското министерство за внатрешна безбедност во висина од 949 милијарди долари, како и 732 милијарди долари за федералните органи за спроведување на законот.
Според оваа анализа, доколу парите што ги потрошиле САД за војната во Авганистан се употребат за домашни цели, тие би можеле да решат серија суштински предизвици што се актуелни во Америка.
За какви други конструктивни цели би можело да се вложат парите
потрошени во авганистанската војна
Според американскиот магазин „Њузвик“, овие финансии што се потрошени во војната би можело да бидат пренаменети и многу покорисно вложени за следниве цели, како на пример:
– за 4,5 илјади милијарди долари целосно да се декарбонизира американската електрична мрежа;
– потоа, 2,3 илјади милијарди долари да се искористат за креирање пет милиони нови работни места за граѓаните на САД;
– 1,7 илјади милијарди би можеле да се инвестираат за да се покријат сите студентски долгови;
– со 449 милијарди долари можат да се продолжат кредитите за данок на децата во САД за уште 10 години.
Во листата на потенцијални вложувања влегуваат и дополнителните 25 милијарди долари, односно пари што би можеле да се пренаменат да се обезбедат вакцини против ковид-19 за населението од земјите со ниски приходи – пишува магазинот.
Америка погрешно ги има поставено своите приоритети?
Линдзи Кошгаријан, директорката на проектот за Национални приоритети на САД, за американските медиуми изјавила дека Америка очигледно погрешно ги има поставено своите приоритети.
– Нашите таканаречени пари за безбедност не се распределени онаму каде што лежат вистинските закани. Пандемијата однесе над 600.000 американски животи, епидемијата на користење опиоиди дополнително одзема секоја година по речиси 50.000 животи, натаму луѓето ги губат своите домови во пожари и поплави, а милиони секојдневно се во ризик да останат без домови кога ќе заврши мораториумот за иселување воведен во пандемијата – изјавила Кошгаријан.
Магазинот потсетува и дека дел од финансиите не се потрошени само за војување во Авганистан туку, се трошени по различни основи и во периодот на „обновата на странските земји“, по многубројните воени конфликти што ги водела Белата куќа.
Слични информации публикува и Институтот за меѓународни и јавни односи на универзитетот „Браун“.
Во анализата на универзитетот се наведува и билансот на смртни случаи што директно биле предизвикани од многубројните конфликти по терористичките напади од 11 септември, а случувањата се протегаат во Авганистан, Пакистан, Ирак, Сирија, Јемен и во други делови од светот.
Според оваа студија, пак, конечниот биланс на жртви, кој вклучува војници, бунтовници, цивили, хуманитарни работници, новинари и сите други што се затекнале во битките, изнесува помеѓу 897.000 и 929.000 лица.
Војните на САД вшмукуваат финансии, но и голем број човечки жртви
Кодиректорката на проектот за трошоци од војната, Стефани Савел, информирала дека од клучно значење е не само да се пребројат жртвите во војната туку и да се процесира вистинското влијание што тие го имале во целиот свет.
– Честопати јазикот што ние го користиме во САД кога зборуваме за војните по терористичките напади од 11 септември е апстрактен и суров. Коментираме за Авганистан како да станува збор за „гробишта на империи“, но не признаваме дека тие се всушност гробишта на луѓе. Во овие случувања, 176.000 Авганистанци го загубија животот по американската инвазија во 2001 година – истакнала Савел.
Во извештај насловен „Цена на војната“, објавен во февруари лани во САД, се истакнува дека во моментов САД имаат свое воено присуство во 85 држави во име на мисии насочени кон глобалната војна против тероризмот.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски во својот осврт на случувањата вели дека на сите крупни безбедносни актери уште на самиот почеток од глобалната војна против тероризмот, која беше предводена од САД, им беше јасно дека сето тоа многу ќе ги чини државите и во загуба на човечка сила и во финансии.
– По нападите на кулите близначки на 11 септември, САД одлучија да ја сузбијат оваа закана, која отворено ѝ се закануваше на Америка, а за таа цел беше водена огромна воена кампања, која најмногу беше рефлектирана во Авганистан, но и во земјите од Блискиот Исток како Ирак и Сирија – вели Стефаноски.
Тој објаснува дека ако се осврнеме наназад, САД имаат големо искуство со војување во странство, а загубите од материјална природа не е нешто што економијата на оваа земја не може да го покрие во годините што следуваат.
– Ако се анализира што сѐ се случи изминативе декади, ќе стигнеме до заклучок дека тероризмот не е поразен, а светот и натаму е небезбеден и покрај огромните загуби на човечки животи и потрошени милијарди и милијарди американски долари – резимира Стефаноски.