Среде многуте шпекуции во врска со стабилноста на нивниот брак, принцот Алберт од Монако даде интервју за продолжениот престој на неговата сопруга во Јужна Африка и кога очекува таа да се врати.
„Тајмс“ претходно објави дека во Франција, соседот на Монако, се појавија шпекулции за наводен крај на бракот на суверенот на кнежеството, принцот Алберт, и неговата сопруга, принцезата Шарлин, родена во Зимбабве. Весникот пишува дека со недели таблоидите и другите медиуми шпекулираат дека нивниот брак е пред распаѓање.
Наспроти шпекулциите, принцот Алберт за магазинот „Пипл“ рече дека принцезата Шарлин е желна да се врати дома и се надева дека ќе може да го стори тоа порано од очекуваното. Тој возврати на извештаите кои сугерираат дека брачните проблеми, а не здравствените, ја држат настрана.
Интервјуто доаѓа по веста дека Шарлин е во стабилна состојба откако во средата вечерта била итно префрлена во болница на северниот брег Квазулу-Натал. Фондацијата на принцезата Шарлин соопшти: „нејзиното Височество принцезата Шарлин од Монако беше итно пренесена во болница со амбулантна кола доцна во средата навечер, откако колабираше поради компликации од тешката инфекција на увото, носот и грлото, од која се зарази во мај. Нејзиниот медицински тим потврди дека принцезата е стабилна.“
Принцот Алберт и принцезата Шарлин последен пат беа јавно видени заедно во Монако на 26 јануари. Два месеца подоцна Шарлин замина за Јужна Африка, нејзината родна земја, каде што беше шампионка во пливање пред да се вљуби во Алберт за време на Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година – што доведе до брак една година подоцна.