Во „Пошта на Македонија“ денеска беше промовирана нова поштенска марка за 30-години од независноста на Македонија. Премиерот, Зоран Заев, рече дека е убеден дека оваа поштенска марка ќе биде најдобра промоција на нашата земја и ќе привлекува уште повеќе туристи.
– Верувам дека оваа поштенска марка, која го отсликува нашиот голем тридецениски јубилеј, ќе најде соодветно место во колекциите на филателистите и понатаму со патување во светот преку писмата, ќе биде најдобра промоција на нашата земја и ќе привлекува уште повеќе туристи кои ќе се заинтересираат да ја посетат нашата земја и народ. Оваа црвена пригодна поштенска марка ќе биде украс на писмата и понатаму ќе биде историски сведок на времето, кога граѓаните на тогашна Република Македонија донесоа историска одлука и гласаа за независност и за суверенитет – рече Заев.
Пригодната марка, додаде тој, која е промовирана денеска, ќе остане своевиден доказ за храбрата и одлучна верба на нашиот народ дека е способен да создаде и да живее во независна, просперитетна и перспективна држава.