ВО ПРЕСРЕТ НА НОВАТА СЕЗОНА

Вакцинирани, оздравени или тестирани се условите за учество во новата натпреварувачка сезона. Доколку мерките воведени на локално ниво бидат построги од оние што се утврдени во концептот на ЕХФ, тогаш тие ќе имаат приоритет, а во зависност од тоа како ќе се одвива здравствената ситуација на глобално ниво, ЕХФ најави дека концептот ќе се приспособува и ажурира

Во пресрет на почетокот на новата натпреварувачка сезона, Европската ракометна федерација (ЕХФ) го претстави својот нов концепт за справување и спречување на ковид-19, кој ќе мора да го почитуваат сите клубови што ќе бидат дел од европските купови на ЕХФ. Според концептот, постојат три основни правила што на играчите и на клубовите им овозможуваат учество во натпреварувањата на ЕХФ, а тоа се вакцинирани, оздравени или тестирани.

Тоа значи дека играчите и службените лица на тимовите, официјалните претставници на ЕХФ, како и сите дополнителни лица (мерач на време, записничар итн.) што се активно вклучени во еден натпревар на ЕХФ мора да исполнуваат еден од споменатите критериуми.
Вакцинираните ќе мора да имаат примено две дози најмалку 14 дена пред одигрување на првиот натпревар. Право на настап во категоријата оздравени ќе имаат и лицата што прележале ковид-19 во последните три месеци, а за тие што не се вакцинирани или не прележале ковид-19 во последните три месеци, задолжителен ќе биде ПЦР-тест, не постар од 72 часа до одигрувањето на натпреварот или антиген-тест не постар од 24 часа.

Со оглед на фактот дека само лица од една од трите групи (целосно вакцинирани, оздравени или тестирани) ќе бидат присутни на натпревар, носењето маска за лице не е задолжително, но е препорачано од ЕХФ.
Европската куќа на ракометот предвидува сите клубови и национални федерации да имаат свои детални планови за ублажување на ковид-19, во согласност со упатствата на локалните здравствени власти и да останат одговорни за спроведување неопходни мерки во нивните редовни домашни клупски и репрезентативни средини.

Како и минатата сезона, сите тимови и национални федерации мора да назначат ковид-менаџер, кој ќе биде одговорен да се обезбедат сите хигиено-заштитни мерки за играчите, официјалните лица на тимовите и целиот друг персонал вклучен во настанот. Ковид-менаџерот има задача веднаш да го извести ЕХФ доколку се спроведат нови ограничувања или забрани за патување од страна на Владата или локалните власти во земјата, што може да влијае на можноста на тимот за патување во и од земјата.

Доколку мерките воведени на локално ниво бидат построги од оние што се утврдени во концептот на ЕХФ, тогаш тие ќе имаат приоритет, а во зависност од тоа како ќе се одвива здравствената ситуација на глобално ниво, ЕХФ најави дека концептот ќе се приспособува и ажурира.