Во Русија ќе биде изграден нов град, оддалечен 30 километри од Владивосток. Ова го соопшти Министерството за развој на Далечниот Исток, пренесуваат руските медиуми. Според првичните информации, градот би можел да се вика Спутник (сателит).
Изградбата на новиот град-сателит е планирана на територијата на приоритетната зона за социоекономски развој Надјождинскаја, на помалку од 30 километри оддалеченост од Владивосток. Ќе се гради на површина од 925 хектари, а на тој урбан простор ќе можат да живеат 300 илјади луѓе. Како составен дел на проектот е планирана изградба на 2,8 милиони квадратни метри станбен простор, се наведува во соопштението на ресорот издадено за време на Источниот економски форум.
Како што се наведува во соопштението, државната корпорација за развој ВЕБ.РФ (ВЭБ.РФ) и нејзината компанија-ќерка ПроГород ќе го поддржат создавањето на новиот град. За плановите за изградба на Владивосток како милионски град зборуваше федералниот министер за развој на Далечниот Исток и Арктикот Алексеј Чекунов. Според министерот, главниот град на руското Приморје – Владивосток, би требало да стане трет најатрактивен град во Русија, по Москва и Санкт Петербург.
Населението на агломерацијата, заедно со жителите на Владивосток и Артјом, во догледна иднина треба да достигне еден милион луѓе.
Претходно министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу предложи изградба на неколку нови научно-индустриски градови во Сибир, пренесе РТ.