Бран стимулациски политики за имунизација на населението низ светот
Во трката за сѐ помасовна имунизација на населението, со цел да се намалат штетните последици на ковид-пандемијата, државите во светот спроведуваат тренд на креативни политики со кои ги мотивираат своите граѓани да се вакцинираат. Мерките се движат од бесплатни билети за концерти, преку лото-награди, па сѐ до можност да се добие дури и стан
Со доаѓањето на делта-варијантата на коронавирусот, но и бавната имунизација против вирусот во повеќето развиени земји, кампањите за вакцинација на населението низ светот деновиве нудат „откачени“ акции за привлекување на интересот кај луѓето да се имунизираат. Мерките се движат од паричен надомест и бесплатни карти за концерти, преку лото-награди, па сѐ до можност да се добијат дури и стан и автомобил. Па така, според пишувањата во медиумите во Соединетите Американски Држави, во моментов оние што периодов беа вакцинирани добија повеќе поволности, од бесплатни пијалаци и ваучери за ресторани, па сѐ до дозволи за оружје. Како што пренесуваа американски Си-ен-би-си, во градовите Охајо, Калифорнија и Њујорк беа собрани милиони американски долари за томбола за оние што одлучија да се вакцинираат. Многу американски компании преземаат мерки за да ги охрабрат вработените да се вакцинираат. „Ред рустер“, приватна компанија од САД, е една од фирмите што доделуваат бонуси за вакцинираните вработени. Имено, компанијата им нуди на вработените бонус од 250 долари и два платени дена за одмор доколку се вакцинираат. Слично на ова познатиот синџир на ресторани „Мекдоналдс“ и „Дарден ресторант“ на вработените им нудат платен одмор доколку се вакцинираат.
Бесплатни пијалаци, пари и
подароци
Ваквата слика не е ниту малку поразлична и во остатокот низ светот. Во Индонезија, вакцинацијата периодов се спроведуваше од куќа до куќа и многумина постари од 45 години се согласија да се вакцинираат затоа што добија подарок. Така, секој вакциниран жител на градот Ципанас добиваше пилешко, што беше посебен поттик за сиромашните и постарите лица, бидејќи се проценува дека нивните информации за вакцините се критични, а кокошките беа доволно мамка за да се договорат. Во Кина истава мотивација се правеше со ваучери за храна и пијалаци. Слично на ова, а со цел да се вакцинираат помладите генерации од 18 до 25 години, Грција на почетокот од летото воведе 150 евра како награда со плаќање паметен телефон или кредитна картичка. Оваа финансиска субвенција исто така можеше да се искористи и за слободни активности, како на пример одење во театар и кино или плаќање хотели и авионски билети.
Различен пристап во Германија и во Франција
За разлика од Кина и од САД, двете најсилни европски сили одлучија да ги охрабрат граѓаните да се вакцинираат со придобивки за вакцинираните. Така, Германија објави дека со доказ за вакцинација, луѓето што примиле една од одобрените вакцини нема да мора да бидат тестирани, на пример, кога одат на фризер или во зоолошка градина. Тие исто така беа ослободени од тестирање или карантин при пристигнување во Германија, освен ако не доаѓаат од земји прогласени од институтот „Роберт Кох“ за области во кои доминираат мутации на вирусот.
За вакцинираните не важеа ниту правилото за максимален број на лица на кои им е дозволено да се собираат ниту полицискиот час. Од друга страна, што се однесува до Франција, Емануел Макрон изјави дека вакцинацијата ќе биде задолжителна за здравствените работници од 15 септември. Доколку не се вакцинирани, се соочуваат со суспензија на плата или отказ.
Сепак, мотивацијата за вакцинација со награди се појави како нов проблем, оценуваат некои од западните медиуми. Според британски „Гардијан“, луѓето почнаа да ја мерат вредноста на подарокот, а потоа да одлучат дали ќе се вакцинираат или не. Сево ова во средина на лажни и недоволни информации создава конфузија кај оние што не знаат и немаат доволно информации, па затоа се предмет на манипулација, оценува медиумот. Меѓутоа, според медиумот, двата најважни фактори што влијаат на подготвеноста на лицето да се вакцинира, а тие се можноста за вакцинација и дали вакцината ќе биде потребна за секојдневните активности, се клучни за државите што ги применуваат овие стимулативни политики во налет на зимскиот бран на коронавирусот.