Фото: Нова Македонија

Дали и колку намалувањето на бројот на работниците во индустријата е сигнал за намалено индустриско производство, а со тоа и на извозот, кои би требало да бидат движечката сила на економијата, е прашањето на кое упатените засега нудат само претпоставки како одговори, поради немањето прецизни бројки за состојбата на работната сила, која во значителен дел е инкорпорирана во сивата економија

Од почетокот на годината постојано се забележува намалување на бројот на работниците во индустријата, што не беше случај претходната година кога започна пандемијата. Дали и колку намалувањето на бројот на работниците во индустријата е сигнал за намалено индустриско производство, а со тоа и на извозот, кои би требало да бидат движечката сила на економијата, е прашањето на кое упатените засега нудат само претпоставки како одговори, поради немањето прецизни бројки за состојбата на работната сила, која во значителен дел е инкорпорирана во сивата економија.
Имено, последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика укажуваат на пад на бројот на работниците во индустрискиот сектор. Бројот на работниците во индустријата во јули 2021 година е намален за 0,8 отсто во однос на јули 2020 година, а во периодот јануари – јули 2021 година во однос на истиот периодот лани покажува пад од 2,2 отсто. Според ДЗС, бројот на работниците во секторот рударство и вадење камен во јули 2021 година, во однос на јули 2020 година, бележи опаѓање од 7,5 отсто, во секторот преработувачка индустрија опаѓање од 0,2, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација намалување за 2,7 проценти. Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во јули 2021 година, во однос на јули 2020 година, бележи опаѓање кај секторот енергија за 3,9 отсто.

– Факт е дека постојано се намалува бројот на работниците во индустријата. Ова неминовно води и кон пад на индустриското производство, извозот, зголемување на трговскиот дефицит, дефицитот на тековната сметка итн. Дел од овој пад може да се ублажи со зголемување на продуктивноста преку обуки на вработените или уште подобро со современа технологија, автоматизација, дигитализација, подобра организација и слично – истакнува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организација на работодавачи на Македонија.
Тој смета дека главен виновник за падот на бројот на работници во индустријата е расчекорот помеѓу побарувачката и понудата на работна сила.
– Општо е познато дека и покрај невработеноста од околу 16 отсто, сепак недостигаат голем број работници за разни работни места во индустријата. Сме зборувале и порано дека овој проблем произлегува од несоодветното образование, но и расчекорот помеѓу желбите на младите и понудата на работни места во земјава. Оваа состојба најдобро ја илустрираат податоците на Државниот завод за статистика за активното население, вработените и невработените. Податоците објавени во јули 2021 година покажуваат дека бројот на работната сила, која е збир од вработените и невработените што се пријавуваат во Агенцијата за вработување, во првиот квартал на 2021 година е намален за 23.300 работници – појаснува Димитров.

Тој посочува дека истовремено имаме пад на бројот на вработени за 18.000 и пад на бројот на невработени за 5.800 лица, додавајќи дека разликата од овие бројки се појавува кај бројот на неактивно население, кој пораснал за 24.000 лица.
– Ова значи дека младите невработени лица не се заинтересирани за работните места што им се нудат во нашата индустрија и не се пријавуваат во Агенцијата за вработување да бараат работа. Тие својата иднина ја гледаат или во државната администрација или во заминување во странство – нагласува Димитров.

Според него, во сите наши документи и стратегии е констатиран овој проблем, но неговото решавање оди многу бавно. За радикални промени во образовниот систем е потребна политичка волја, а за промена на структурата на стопанството се потребни знаење и големи инвестиции во нови дејности со поголема додадена вредност.
– Големото иселување на младите и нивната неактивност во земјата не само што ги намалува можностите за иден економски развој туку може да предизвика големи проблеми во пензискиот и здравствениот систем во земјата – вели Димитров.
Економскиот аналитичар Здравко Савески објаснува дека сигналот за намалување на бројот на вработени лица во индустријата, во период кога немаме зголемување на продуктивноста на работниците и во период кога не се вложува значително во нова технологија, која ќе ја поттикне продуктивноста, е уште еден јасен сигнал дека индустрискиот сектор започна да се соочува со првичните ефекти од иселувањето од Македонија.
– Од пред извесен период започнаа алармите од индустријата дека недостигаат работници, појава што од поодамна е присутна и посебно карактеристична за занаетчискиот сектор, но сега истата таа се шири и во индустријата – потенцира Савески.

Иако веќе има реакции од страна на индустрискиот сектор, додава Савески, кој започнал со благо зголемување на платите, сепак тој раст не е доволен да се запре иселувањето, кое, според него, и во следниов период уште повеќе ќе се зголемува, а влијае на бројот на работниците и на целиот сектор.


Индустриското производство во првите шест месеци од годинава зголемено за 5,4 проценти

Индустриското производство во јули 2021 година е намалено за 0,6 отсто во однос на јули 2020 година, а во периодот јануари – јули 2021 година во однос на истиот период лани бележи зголемување за 5,4 проценти.
Според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен во јули 2021 година, во однос на јули 2020 година, бележи пораст од 39,9 отсто, во секторот преработувачка индустрија бележи опаѓање од 3,9, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 4,9 проценти.

Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: производство на прехранбени производи, производство на пијалаци, производство на текстил, производство на облека, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на метали, производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, производство на електрична опрема, производство на машини и уреди, неспоменати на друго место и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во јули 2021 година, во однос на јули 2020 година, бележи опаѓање кај секторот енергија за 20,5 отсто, капитални производи за 14,2 и нетрајни производи за широка потрошувачка за 0,5 проценти, додека пораст бележи кај интермедијарни производи, освен енергија за 20,8 и кај трајни производи за широка потрошувачка за 9,6 отсто.