Фото: Маја Јаневска-Илиева

СЕ НАЅИРА ЛИ КРАЈОТ ВО БИТКАТА СО КОРОНАВИРУСОТ

Според епидемиолозите, есенско-зимскиот бран, кој веројатно не може да се избегне, нема шанси да биде со висока амплитуда и ќе предизвика само површни бранувања. Цунами не може да се случи. Базичната отпорност луѓето постепено ја постигнуваат, и кај нас и во светот. Сепак, можните налети на некои нови мутанти е можно да ја нарушат епидемиолошката ситуација

Го доживеа ли врвот Македонија во четвртиот бран, дали полека се нормализира состојбата? Дадоа ли резултат мерките за стимулација на вакцинацијата? Статистичките податоци од последната недела покажуваат намалувањe на брoјките на заразени, иако бројот на хоспитализации е сѐ уште висок, но расте и бројот на вакцинирани.

Здравствените власти и епидемиолозите за кратко очекуваат и уште еден, петти бран во есенско-зимскиот период, но сметаат дека тој нема да биде многу силен.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера посочи дека има тренд на опаѓање на бројките на новозаразени со коронавирус. Изрази и очекување дека ќе продолжи да спласнува овој бран на епидемијата. Тој рече дека се намалува и факторот на преносливост на вирусот, а посочи дека почнува да се смирува и ситуацијата во Тетово.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека врвот на летниот бран е достигнат на 26 август. Според него, тогаш ефективниот репродукциски број бил 1.
– Оттогаш тој опаѓа. Бранот стивнува постепено. Тоа е евидентно и од дневните бројки на новозаразени. Тој тренд ќе почне да се регистрира и за смртните случаи за околу една недела – вели тој.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Даниловски смета дека високата заразност на делта-сојот си го прави своето.
– Доведува до експлозивен пораст, краток врв (без плато) и сега сме на надолниот дел на епидемиската крива. Ако не би нѐ очекувале „епидемиолошки важни настани“, како што се групирањата во училиштата и веселбите во затворен простор, откако ќе залади, бранот сосема би стивнал во почетокот на октомври. Ова е „ладна“ епидемиолошко-статистичка процена. Нема тука „гатање“ – вели тој.
Според него, есенско-зимскиот бран, кој веројатно не може да се избегне, нема шанси да биде со висока амплитуда.

– Зошто? Затоа што веќе нема да има доволно „гориво“. Бројот на имуни лица сѐ повеќе се зголемува, со природно заразување или со вакцинација. Но, сепак, нема да биде доволен тој колективен имунитет за целосно превенирање. Ќе треба да се стрпиме уште оваа ладна сезона. Потоа, вирусов ќе премине во ендемска форма на одржување. И ќе треба да живееме со него. Исто како со грипот. На короната ѝ е „одѕвонето“. Катаклизмични сценарија од пролет натаму не е веројатно да доживееме. Но ќе видиме – посочува епидемиологот.
Сепак, тој смета дека можните налети на некои нови мутанти е можно да ја нарушат епидемиолошката ситуација.
– Но ќе предизвикаат само површни бранувања. Цунами не може да се случи. Базичната отпорност луѓето постепено ја постигнуваат, и кај нас и во светот. Не е далеку денот кога и овој коронавирус ќе им се придружи на неговите собраќа, четирите предизвикувачи на обични настинки, и ќе станат петмина – заклучува тој.
Според Филипче, имајќи ги предвид досегашните искуства со претходните бранови на ковид-19, очекуваме да продолжи трендот на опаѓање на бројките на новозаразени, кој е присутен веќе неколку дена.

– Сега имаме под 900 новозаразени, а факторот на преносливост е намален под единица, односно засега е 0,9. Исто така, постепено се стабилизира ситуацијата во Тетово, кое беше еден од најсилно погодените градови во овој бран – посочи тој.
Министерот оцени дека е добар пристапот на Владата во однос на имунизацијата и дека земјава бележи најголем раст на вакцинирани во регионот. Како градови во кои има најмногу вакцинирани ги посочи Охрид, Кавадарци, Неготино, Ресен. Исто така, рече дека болниците се преоптоварени од невакцинирани пациенти.
Филипче рече и дека учебната година почнува со физичко присуство на територијата на целата државата и дека внимателно ќе се следи епидемиолошката ситуација и, ако е потребно, ќе се преземат дополнителни мерки.

[email protected]