Фото: Игор Бансколиев

ОДНОСОТ КОН БЕГАЛЦИТЕ ОД АВГАНИСТАН КАКО ПОВОД

Македонија меѓу првите држави прими голем број бегалци од Авганистан, демонстрирајќи ги на тој начин својата солидарност и широко срце. И додека бегалците од Авганистан веќе удобно се сместија по македонските хотели, министрите за внатрешни работи на ЕУ допрва ќе дебатираат каков да биде односот на ЕУ кон беглаците и како да се спречи неконтролирана миграција

Доцна во ноќта, меѓу 30 и 31 август, во Македонија пристигна првата група бегалци од Авганистан, на скопскиот аеродром. Првата група од 149 граѓани на Авганистан ја пречека македонскиот министер за надворешни работи. Бујар Османи, кој истакна дека „солидарноста којашто ја најавувавме веќе ја демонстрираме на дело и им овозможуваме топло добредојде на оние на коишто им е најпотребно“. Притоа министерот откри дека македонските власти дале согласност да примат 750 мигранти од Авганистан. Авганистанците во Македонија ќе бидат на привремен престој од 90 дена. По три месеца тие ќе треба да заминат во друга земја или во САД. Нивните конечни дестинации ќе бидат познати во текот на наредните денови.

Додека Македонија веќе активно почна да ги демонстрира својата солидарност и широко срце со бегалците од Авганистан, речиси истиот ден кога кај нас пристигна првата група бегалци, министрите за внатрешни работи на Европската Унија се состанаа во Брисел за да договорат спречување неконтролирана миграција од Авганистан. Со други зборови, додека Македонија реагира и на дело ги покажува својата хуманост и големина, ЕУ допрва ќе дебатира во однос на бегалците.
– Врз основа на научените лекции, ЕУ и нејзините држави-членки се одлучни да дејствуваат за да спречат повторување на неконтролирани и илегални миграциски движења со какви што се соочија во минатото, подготвувајќи координиран и уреден одговор – се наведува во нацрт-известувањето што го објави „Ројтерс“. Тој нацрт-документ, сепак, сѐ уште не ги содржи деталите за новите мерки.
Уште минатата седмица, ЕУ најави дополнителни средства за помош на Авганистан, но и на околните земји. Сепак, доставата на помошта станала покомплицирана откако талибанците ја презеле контролата, откриваат функционери на ЕУ.
– ЕУ треба да ја засили поддршката на земјите во непосредното соседство на Авганистан, за оние на кои им е потребна, помошта да ја добијат во самиот регион – е наведено во нацрт-документот на министрите за внатрешни работи на ЕУ што го пренесува „Ројтерс“.

Во 2015 година, Турција значително помогна во сузбивање на мигрантската криза, со финансиска помош на ЕУ, овозможувајќи сместување на милиони Сиријци што бегале. Но овој пат, Анкара е помалку подготвена да ги прими Авганистанците.
И покрај реално демонстрираната солидарност на Македонија со бегалците од Авганистан, додека во ЕУ сѐ уште се дебатира како да се постапи и дејствува во соочувањето со мигрантската криза, актуелно се наметнува прашањето како евентуално би се одразиле мерките што би ги презела Унијата во однос на бегалците, врз соочувањето со овој мигрантски предизвик во Македонија.
– Што и да договори ЕУ во однос на мерките за справување и контрола на очекуваниот мигрантскиот бран од Авганистан, нема да биде применливо и нема да се однесува на Македонија. Прво, затоа што не сме членки на ЕУ, а уште повеќе поради фактот што имаме усвоено Стратегија за прием на мигранти и Акциски план, уште во 2017 година, со што практично ги имаме дигнато сите рампи на државава за сите мигранти, од кој било дел на светот, жртви на каква било воена или политичка криза. Со таа Стратегија и Акциски план, меѓу другото се овозможува прием на мигранти и без документи, со можност да ги повлечат и своите семејства, па дури и се презема обврска да им се најде вработување. Со таквите одредби, Македонија си создава голем ризик од безбедносна закана, овозможувајќи прием на бегалци без документи, а уште поголема небулоза е понудата да им се најде вработување, при висок процент на невработеност на домашното население. Во услови на хуманитарна криза, човечки е да се помогне, но политиката што е рефлектирана во Стратегијата за прием на мигранти и во Акцискиот план, остава простор за Македонија да се претвори во депонија на ЕУ, или е избрана за тампон-зона за заштита на ЕУ од мигранти – вели универзитетската професорка Солза Грчева, поранешна пратеничка и активна на македонската политичка сцена.

Констатирајќи дека со приемот на групата авганистански бегалци, Македонија всушност излегува во пресрет на американските интереси, Грчева изразува сомнеж дека средствата што ќе ги наменат меѓународните организации за сместување и грижа за бегалците, можат да бидат и мамка за коруптивни зделки во Македонија.