Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија повикуваат училиштата да останат отворени и да се направат побезбедни преку донесување мерки за намалување на пренесувањето на вирусот.
Ваквите мерки опфаќаат понуда на вакцина против ковид-19 за наставниците и другиот училишен персонал како дел од националните планови за вакцинација, истовремено обезбедувајќи вакцинација на ранливите популации. Освен тоа, треба да се земе предвид и вакцинација на децата на возраст од 12 и повеќе години со медицински состојби коишто значително им го зголемуваат ризикот од тешка манифестација на КОВИД-19; унапредување на училишната средина преку често проветрување на училниците, помали паралелки кога е можно, физичко дистанцирање и редовно тестирање на децата и вработените итн.
– Пандемијата предизвика катастрофално нарушување на образованието во историјата. Затоа, од пресудно значење е учењето со физичко присуство во училница непрекинато да продолжи низ европскиот регион. Ова е од исклучителна важност за образованието, менталното здравје и социјалните вештини на децата, за да можат училиштата да ги оспособат нашите деца да бидат среќни и продуктивни членови на општеството – објаснува д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Тој додава дека ќе помине извесно време пред да ја оставиме пандемијата зад нас, но образованието на децата со безбедно физичко присуство во училиште мора да остане наша примарна цел, па затоа, вели Клуге, не смееме да ги лишиме од можностите што ги заслужуваат.
– Ги охрабруваме сите земји да ги држат училиштата отворени и ги повикуваме сите училишта да воведат мерки за минимизирање на ризикот од ковид-19 и ширење на различни варијанти.
Според Клуге високо преносливиот делта-сој придонесе за дополнителна загриженост и компликации за отворањето на училиштата оваа година.
Податоците јасно покажуваат дека примањето целосна серија вакцини против Ковид-19 значително го намалува ризикот од тешко заболување и смрт. Затоа, вели Клуге, кога ќе ве повикаат да ја примите вакцината, направете го тоа и погрижете се да ги примите сите дози.
– Вакцинацијата е нашата најдобра одбрана од вирусот, а за да заврши пандемијата, мора бргу да го прошириме вакцинирањето подеднакво во сите земји, вклучувајќи и поддршка за производството на вакцини и распределба на дози, со цел насекаде да ги заштитиме најранливите. Исто така, мора да продолжиме да ги следиме јавно здравствените и социјални мерки за кои знаеме дека функционираат, каде спаѓаат тестирање, секвенционирање, следење, изолација и карантин – рече Клуге.
Заменикот-регионален директор од УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Филип Кори, вели дека децата и младите не смеат да ризикуваат уште една година со нарушено образование. Вакцинацијата и заштитните мерки, според него, ќе помогнат да се спречи враќање во најмрачните денови од пандемијата кога луѓето мораа да трпат затворања, а децата имаа нарушена настава.
– Децата беа тивки жртви на пандемијата, а најмаргинализираните беа меѓу најтешко погодените. Пред ковид-19, најранливите деца во регионот веќе беа надвор од училиште, или беа на училиште, но не учеа на исто ниво како своите соученици. Училиштето е многу повеќе од зграда. Тоа е место на учење, безбедност и игра во срцето на нашите заедници. Кога училиштата се затворени, децата пропуштаат настава, не се со своите пријатели и за тие кои живееат во нефункционални семејства може да бидат изложени на насилство во домот. Пандемијата ја влоши и онака неприфатливата ситуација – мора да се погрижиме училиштата да се отворат и да останат безбедно отворени – нагласи Кори.