Во вторник истекува рокот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк наменет за сите редовни студенти на државните и приватните универзитети во државата. Министерството за образование и наука ги повикува тековните студенти, денеска и утре да го завршат пријавувањето, за да може првата уплата во износ од 2.400 денари, да ја добијат на почетокот на октомври. Следниот рок за аплицирање за оваа субвенција е од 1 до 31 октомври, за студентите од новата академска година и за оние кои не го запишале летниот семестар.
Начинот на аплицирање е дигитализиран, односно пријавувањето се спроведува електронски преку интернет-страницата „www.e-uslugi.mon.gov.mk“ со прикачување на два документа – пријава и изјава за точност на податоци, додека се наведуваат иподатоци за лична трансакциска сметка.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Според проценките на МОН, се очекува ова право да го искористат околу 40.000 студенти.
– Наша обврска е да ги пресретнеме потребите на младите. Воведувањето на субвенционираниот студентски оброк, нови стипендии и зголемените износи на постојните се одговор токму на барањата на студентите кои ги исполнивме за краток период. Младите мора да бидат задоволни од грижата на државата кон нив и од можностите кои им ги обезбедува за остварување на личните и професионални цели. Само на тој начин ќе бидат доволно мотивирани да останат во сопствената земјата и да го реализираат својот потенцијал, што ќе значи и придонес кон севкупниот општествено економски развој. Затоа министерството преку работната група МЛАДИ-МОН продолжува со директна вклученост на младите да креира политики и мерки кои се во интерес на студентите и учениците – се наведува во соопштението од МОН.
Досега за користење на субвенционираниот студентски оброк пријавени се 15.627 студенти.