Родителот да избере дали неговото дете ќе посетува настава со физичко присуство или пак истата ќе биде онлајн, ова го побараа денеска претставници од движењето „Поддршка за онлајн настава“. Нивните барања, како што велат произлегуваат од согласноста на над 15.000 членови на социјалната мрежа Фејсбук.
– Револтирани сме од оваа одлука, ние родителите, дел од наставниците и вработените во училишната администрација, бидејќи ни е скратено правото на избор. Сметаме дека правото на избор за онлајн настава е одлука на секој родител или наставник во ситуација на огромна смртност како последица на ковид-19, растечка епидемија со голем број заразени. Нема услови за настава со физичко присуство во училници од 35 квадратни метри, лоши хигиенски услови, поради што за кратко време ќе се доведат во смрттна опасност голем број на семејства. Бараме правото на избор за следење на онлјан настава на учениците да биде исклучиво избор на родителот а не на директорите на школите и нивните проценки. Одговорноста за ова лошо сценарио ќе ја сноси Владата на РСМ – порача Ана Глигорова, претставничка од движењето.
Тие бараат да се почитуваат желбите на родителите за онлајн настава и да се заобиколат сите бирократски процедури.
– Родителите ќе мора да поднесуваат медицински белешки за своите деца и за своите блиски. Ние бараме онлајн наставата да биде комплетно за сите, зашто тоа е многу побезбедно, односно бараме да може родителот со само едно писмо до директорот да се обрати дека сака детето да му учи онлајн, притоа заобиколувајќи ги сите бирократски процедури, туку само да се почитува желбата на родителот. Во спротивно, комплетната одговорност ќе ја има Владата заедно со Комисијата за заразни болести – потенцира Глигорова.
Во меѓувреме, од Владата и од Министерството за образование и наука остануваат на ставот дека учебната година започнува во училишните клупи. Исклучоците од оваа одлука може да се однесуваат за деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни, како и други немедицински причини со проценка на училиштето.