БИТОЛА

Со оглед на тоа што при крај се реконструкциите на Офицерскиот дом и на киното „Манаки“, деновиве во Битола е формирана јавна општинска установа што ќе раководи со работењето на Офицерскиот дом, киното „Манаки“ и Туристичкиот информативен центар.
– Објектите сами по себе имаат големо културно-историско значење за градот и претставуваат туристичка атракција, но за да може нивната вредност да се стави во функција на градот, потребни беа добро планирање, испитување на јавното мислење, предлозите и потребите на граѓаните, особено на експертите од областа на културата и на крајот нивно сублимирање и имплементирање во стратегиски план со конкретни чекори на реализација. На овој начин, се овозможува комплетнa функционалност на Офицерскиот дом и на киното „Манаки“, со цел промоција на културата и уметноста на Битола, за понатамошен културен, туристички и економски напредок на градот – велат општинарите.

Според програмските задачи на установата, со која ќе раководи директорката Сандра Котевска, објектите ќе бидат отворени за повеќе различни културни манифестации, состаноци, туристички посети и други активности, произлезени, пред сѐ, од желбата и ентузијазмот на граѓаните.

Со почнувањето со работа на установата, почнува да работи и туристичкиот информативен центар, прв од ваков вид во градот, кој ќе претставува главно седиште од каде што ќе поаѓа комплетната туристичка промоција на Битола, но и место отворено за сите нови предлози и иницијативи на битолчани за развој на културата и туризмот.
– На формирањето на установата му претходеа обезбедување доволно финансиски средства за реконструкција на Офицерскиот дом и доизградба и опремување на киното „Манаки“. Локалната самоуправа за таа цел ја подготви потребната проектна документација, при што за реконструкција на Офицерскиот дом доби подгрант средства од Европската Унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија (администриран од Светска банка). Вкупната вредност на договорот со Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) изнесува 58.792.610 денари, каде што 52.913.349 се средства на ПЛРК (LRCP), a 5.879.261 денари се средства од буџетот на Општина Битола. Општината инвестира 15.423 735 денари за поставување водовод, канализација, партерно и хортикултурно уредување, со што вкупниот влог на Општина Битола е над 350.000 евра. Ваквата инвестиција овозможи Офицерскиот дом повторно да блесне со целиот свој сјај – вели градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

Паралелно со реконструкцијата на Офицерскиот дом, Општината не дозволи киното „Манаки“ да биде објект што ќе го „изеде“ забот на времето. Напротив, донесе одлука да го спаси овој простор во центарот на градот, за чија изградба првата иницијатива датира од Кинотека на Македонија во 2003 година. Откако општинарите ја завршија изградбата на објектот, Министерството за култура додели 7.616.554 денари за ентериерно уредување, а со средства од проектот „Кинокултура“, финансиран од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција – Република Македонија, во вредност од 64 215 евра, се обезбеди најсовремена киноопрема.