Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно до вчера собрани се потписите за четири независни советнички листи за локалните избори што ќе се одржат на 17 октомври. Тоа се листата на кандидати за советници за Општина Центар, со носителот Јана Белчева-Андреевска, советничката листа за општина Кавадарци со Петар Камчевски, советничката листа за општина Росоман со Ристо Сакалиев и советничката листа за општина Кочани со носителот Аки Акиев.
ДИК информира дека собирањето потписи продолжува за Ана Петровска, кандидат за градоначалник на Град Скопје, за Васко Костов, кандидат за градоначалник на општина Карпош, Зоран Лазаровски-Паљо, кандидат за градоначалник на општина Битола, Дејан Велиновски, кандидат за градоначалник на општина Македонска Каменица, Сенат Усеиноски, кандидат за градоначалник на општина Охрид, Слободан Даневски, кандидат за градоначалник на општина Свети Николе.
Продолжува собирањето потписи и за советничките листи за општина Могила, со носителот Борче Бучиновски, за Сејдо Селиов и листа на кандидати за членови на совет на општина Виница, за советничката листа за општина Чешиново-Облешево со носителот Франческо Наоков.
Граѓаните можат да ја дадат својата поддршка и за Милош Стаменковиќ и листа на кандидати за членови на совет на општина Куманово, за советничката листа за општина Охрид со носителот Арбен Демироски, за советничката листа за општина Охрид со носителот Антонио Наумовски и советничката листа за Охрид со носителот Стевче Стевоски.
Поддршка за учество на претстојните локални избори граѓаните можат да им дадат и на советничката листа за општина Свети Николе со носителот Ристе Андонов, советничката листа за општина Велес со носителот Гарп Немиш, советничката листа за општина Гази Баба и носителот Дејан Димитровски, за советничката листа за општина Карпош и носителот Невена Горгиевска, листа на кандидати за членови на совет на општина Карпош и за Драгана Велковска и листата на кандидати за членови на Совет на Град Скопје.
Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август, кога е крајниот рок за собирање потписи, до полноќ.
Утре почнува увидот на избирачкиот список
Јавниот увид на избирачкиот список за локалните изборите ќе почне утре и ќе трае до 9 септември, кога Државната изборна комисија (ДИК) на увид ќе ја стави новата состојба на податоци што ќе се користи на денот на изборите.
Граѓаните во овој рок треба да го достават писмено барањето за запишување, бришење или дополнување во избирачкиот список, до подрачните единици или канцеларии на ДИК, или пак, електронски да се обратат до Комисијата и притоа да достават соодветни докази. Граѓаните своите податоци во избирачкиот список можат да ги проверат преку веб-страницата на ДИК или на следниот линк.
Рокот за заклучување на Избирачкиот е 24 септември, додека избирачкиот список треба да биде потпишан до 1 октомври.