Техно

Брендот „Редми“ на „Шаоми“ го претстави новиот паметен телефон, а пред тоа „по грешка“ беа објавени неговите спецификации. „Шаоми“ ги објави порано од планираното и наскоро ги отстрани, но медиумите не ги пропуштија, па спецификациите на моделот „редми 10“ се познати уште пред неговата официјална презентација.
Линијата „редми“ обично наследува некои карактеристики на водечките модели на „Шаоми“, но се продава по пониски цени. „Редми 10“ ја продолжува таа традиција и ќе понуди 6,5-инчен ФХД +екран, со фреквенција на освежување од 90 херци, процесор „медиатек хелио Г88“, 4/6 гигабајти РАМ, 64/128 гигабајти внатрешна меморија, четири задни камери од 50, 8, 2 и 2 мегапиксели, предна камера од осум мегапиксели и батерија од 5.000 милиампер-часа што поддржува полнење од 18 вати и реверзибилно полнење од девет вати.
Сензорот за отпечаток е поставен странично, уредот има два звучници и приклучок за слушалки од 3,5 мм, а доаѓа со полнач во пакетот. Паметниот телефон ќе користи Андроид 11, со софтверот на „Шаоми МИУИ 12,5“.
Она по што ќе се разликува „редми 10“ од другите паметни уреди е доста големиот модул за камера, како и логото на задната страна. Достапен ќе биде во три бои, карбон-сива, бисернобела и морска сина боја.